Мултивитамините покажале ветувачки резултати во спречувањето на когнитивното стареење, открива новото истражување на американските научници.
Нова студија предводена од научен тим од Mass General Brigham, интегриран здравствен систем во Масачусетс, САД, открива дека мултивитамините можат да играат клучна улога во зачувувањето на когнитивната функција во староста на човекот.
Повеќе од 5.000 учесници на возраст над 60 години биле подложени на лични когнитивни тестови во текот на две години, при што добивале различни комбинации на суплементи, од екстракт од какао, мултивитамини до плацебо.
Резултатите покажале значително подобрување во севкупните когнитивни вештини и значително подобрување во епизодната меморија кај оние кои земале додатоци.
Когнитивното опаѓање е меѓу главните здравствени проблеми кај повеќето постари луѓе, а дневниот мултивитамински додаток има потенцијал да биде атрактивен и достапен пристап за забавување на когнитивното стареење, истакнува Chirag Vyas, психијатар од споменатата американска институција.
Комбинирајќи ги податоците од новата студија со мета-анализа на две претходни студии во кои биле вклучени 4.630 луѓе на возраст над 60 години, истражувачите забележале супериорни резултати на когнитивните и тестовите за меморија кај оние кои земале додатоци.
Севкупно, комбинирана анализа на 5.203 учесници сугерира дека мултивитамините можат да го забават когнитивното стареење во просек за две години во споредба со плацебо (не земајќи никакви додатоци).
Резултатите се објавени во American Journal of Clinical Nutrition.
Мета-анализата на три одделни когнитивни студии обезбедува силни и конзистентни докази дека земањето дневен мултивитамин, кој содржи повеќе од 20 есенцијални микронутриенти, помага да се спречи губење на меморијата и го забавува когнитивното стареење, вели Vyas.
Иако студијата не утврдува директна причина и последица, таа ги истакнува потенцијалните здравствени придобивки од одредени додатоци во исхраната, оспорувајќи ги заклучоците од претходните истражувања.
Имено, учесниците, главно белци од нехиспанско потекло, биле на возраст над 60 години, што всушност бара понатамошно истражување за да се утврдат придобивките за другите демографски групи.
И покрај позитивните наоди, авторите на студијата ја признаваат потребата од понатамошни истражувања за специфичните витамини и минерали одговорни за набљудуваните когнитивни придобивки.
Сега е критично да се разберат механизмите со кои дневниот внес на мултивитамини може да заштити од губење на меморијата и когнитивниот пад со фокус на нутритивниот статус и други фактори поврзани со стареењето, вели епидемиологот Howard Sesso од Brigham and Women’s Hospital во Massachusetts.
Со зголемувањето на невродегенеративните болести, студијата сугерира едноставен и достапен начин за намалување на ризикот од овие состојби.
Целта на научниците е да навлезат во основните механизми зад врската помеѓу мултивитамините и когнитивните способности во нивните идни истражувања.
Извор: Science Alert