
Резултатите укажуваат на можна штета во вредност до 872 милијарди евра за Европа и Обединетото Кралство, но треба да се истакне дека постојат големи разлики меѓу одделните региони.
Зголемувањето на нивото на морето поради климатските промени ќе ја чини Европа до 872 милијарди евра до 2100 година, а делови од Италија, особено нејзините северни региони Emilia Romagna и Veneto, северозападна Франција, Холандија, Данска, балтичките држави и Полска, се сметаат да бидат најзагрозени, според една нова студија.
Ова се резултатите од студијата спроведена од Delft University of Technology во Холандија со учество на Европскиот институт за економија и животна средина од Милано и Ca’ Foscari University од Венеција, а објавени во списанието Scientific Reports.
Авторите велат дека резултатите укажуваат на потребата од имплементација на економски политики специфични за одреден регион, чија цел е да се обидат да се справат со можното влијание од покачувањето на нивото на морето и да се ограничат штетите.
Како дел од студијата, истражувачите го симулираа можното економско влијание на порастот на нивото на морето на 271 европски регион од сега до 2100 година, според сценарио кое вклучува високи емисии на загадувачи и не ги вклучува најновите мерки за заштита на крајбрежјето.
Во нивната симулација, научниците комбинирале претходно познати податоци за очекуваните ефекти и економските загуби предизвикани од 155 поплави низ Европа помеѓу 1995 и 2016 година.
Резултатите укажуваат на можна штета во вредност до 872 милијарди евра за Европа и Обединетото Кралство, но треба да се истакне дека постојат големи разлики меѓу одделните региони.
Така, Италија треба да биде меѓу најпогодените земји, додека внатрешноста на земјата би можела да оствари економски придобивки благодарение на преместувањето на производството од поплавените крајбрежни региони во внатрешните области.
Проекциите, исто така, покажуваат дека насочените инвестиции во логистика, јавни услуги и градежништво би можеле да ги ублажат економските загуби со незначителна цена за целокупната европска економија.