Светските океани апсорбираат околу 90 отсто од вишокот топлина генерирана од глобалното затоплување, што резултираше со зголемување на просечната температура на океаните за 1,5°C во текот на изминатите сто години.
Климатските промени, затоплувањето на атмосферата, сè почестите топлотни бранови на копно, се чини дека имаат своја верзија во светските мориња. И тоа ги загрижува научниците.
Истражување спроведено од американската Национална управа за океани и атмосфера (NOAA). и коe е објавено во списанието Nature Communications, покажа дека топлотните бранови не се појавуваат само на површината на океанот, туку и во неговите длабочини.
Истражувачите на NOAA користеле комбинација од теренски набљудувања и компјутерски модели за да ја генерираат првата широка проценка на топлотните бранови на океанското дно во континенталните води што ја опкружуваат Северна Америка.
Истражувачите ги истражуваат морските топлотни бранови на површината на морето повеќе од една деценија. „Ова е прв пат да можеме навистина да нурнеме подлабоко и да процениме колку од овие екстремни настани се случуваат на помали длабочини“, забележа водачот на студијата Dillon Amaya, истражувач во Лабораторијата за физички науки на NOAA.
Тој објасни како морските топлотни бранови драматично влијаат на здравјето на океанските екосистеми ширум светот бидејќи го спречуваат производството и дистрибуцијата на организми како што се планктонот, како и движењето на големи животни како китовите. Токму затоа научниците сакале да проучуваат и да се обидат да ја предвидат појавата, интензитетот и времетраењето на ваквите настани.
NOAA предупредува дека светските океани апсорбираат околу 90% од прекумерната топлина создадена од глобалното затоплување, што резултирало со зголемување на просечната температура на океаните за 1,5°C во последните сто години. Сепак, особено загрижува тоа што во последната деценија топлотните бранови на морето зачестија за 50% од порано.
Досега, научниците се фокусирале на зголемување на температурата на океанот и морето на неговата површина, додека влијанието на глобалното затоплување врз растенијата и животните кои живеат на дното останало неистражено.

Затоа, научниците од NOAA ги користеле податоците што ги имале, како и компјутерските модели за симулирање на океанските струи и влијанието на атмосферата врз температурата на океаните и морето, со цел да добијат податоци за оние периоди во кои ги немаат. Со таква техника успеале да ги реконструираат глобалните временски услови до почетокот на 19 век.
Анализирајќи ги податоците, научниците откриле дека топлотните бранови на дното на океанот траат подолго и оставаат позначајни последици од топлотните бранови на површината. Тие истакнуваат дека површинските и длабоките топлотни бранови во океаните можат да се појават истовремено и на иста локација, што дополнително влијае на морскиот екосистем. Уште полошо е, кога ќе се појави длабок топлотен бран без значително затоплување на површината, па рибарите, како и научниците, едноставно не се свесни што се случува под површината и каков ефект има врз екосистемот на дното.

Досега, невообичаено високите температури на дното на океанот се поврзуваа со појавата на инвазивни риби-лавови, белење на коралите и намалување на бројот на корални риби, послабо преживување на младите бакалари од Атлантикот и исчезнувањето на јастозите долж брегот на New England.
Авторите истакнуваат дека ќе биде важно да се одржи постојниот систем за набљудување и да се развие нов начин на набљудување во реално време со цел навреме да се предупреди за зголемувањето на температурата на дното на океанот.
Јасно е дека треба да посветиме повеќе внимание на океанското дно, каде што живеат некои од највредните видови и кои можат да доживеат сосема различни топлотни бранови од животните на површината на океанот и морето, истакна коавторот на истражување, океанографот Michael Jacox.



















