Научниците откриваат клучна врска помеѓу еден од најсмртоносните видови рак и навика што често ја практикуваме

567

Резултатите од оваа студија би можеле да го променат пристапот кон лекувањето, но и спречувањето на овој вид рак.

Умереното консумирање алкохол се смета за општествено прифатлива навика. Но, кога овие умерени количини ќе пораснат во големи количини, можеме да зборуваме за прекумерна консумација на алкохол, или алкохолизам.

Со години има предупредувања за врската помеѓу прекумерната консумација на алкохол и појавата на разни видови рак, а научниците од Медицинскиот факултет Miller на Универзитетот во Мајами откриле интересна врска помеѓу консумацијата на алкохол и појавата на еден од најсмртоносните видови рак во светот – ракот на панкреасот.

Како што е наведено во соопштението за медиумите, тие ја истражувале улогата на клеточната молекула CREB, која посредува во воспалителната состојба во панкреасот предизвикана од голема консумација на алкохол. Научниците откриле дека инхибирањето на CREB може да го спречи развојот на тумори на панкреасот.

Нашиот модел служи како важна платформа за разбирање како хроничното воспаление поврзано со консумацијата на алкохол го забрзува развојот на ракот на панкреасот, рече коавторот на студијата, д-р Siddharth Mehra.

Како што објаснува тој, хроничната консумација на алкохол во големи количини ги оштетува ацинарните клетки во панкреасот кои произведуваат дигестивни ензими. Ова пак предизвикува клеточните ензими да го зголемат воспалението во ткивото, дополнително оштетувајќи го панкреасот.

Со текот на времето, на панкреасот се појавуваат преканцерозни лезии, што го зголемуваат ризикот од развој на рак на панкреасот, кој се смета за еден од најсмртоносните видови на рак.

За време на нивното истражување, научниците откриле дека ако го неутрализираат CERB, можат да го спречат развојот на преканцерозни и канцерозни лезии дури и ако пациентот продолжи да консумира алкохол. Неутрализирањето на CERB, исто така, го ублажило оштетувањето на ацинарните клетки.

Како што објаснува водечкиот автор на студијата, д-р Nagaraj Nagathihalli, вонреден професор на Одделот за хирургија на Универзитетот во Мајами, CREB не е само медијатор на воспаление, туку и молекуларен оркестратор кој трајно ги трансформира ацинарните клетки во преканцерозни клетки, со што се отвора патот за развој на рак.

Откритието, сумирано во труд објавен во списанието „Cellular and Molecular Gastroenterology and Hepatology“, сугерира дека инхибиторите на CREB може да имаат терапевтски потенцијал кај тешките алкохоличари.

Ваквите инхибитори би можеле потенцијално да го ублажат оштетувањето на панкреасот и да го спречат развојот на тумори, истакнуваат научниците.

Веруваме дека оваа студија ги поставува темелите за идните транслациски напори насочени кон CREB како терапевтска ранливост кај ракот на панкреасот поврзан со воспаление“, рече коавторот на студијата, д-р Nipun Merchant, заменик-директор за транслациски науки на Универзитетот Sylvester и раководител на Одделот за хируршка онкологија на Miller School of Medicine.