Болеста може да доведе до постепено влошување на жлездите во тој дел од дигестивниот тракт.
Новата болест предизвикана од пластика, наречена пластикоза, е откриена кај морските птици, а животните идентификувани со неа имале лузни во нивните дигестивни системи од проголтаниот пластичен отпад, објавија научниците од Природонаучниот музеј во Лондон.
Тоа е прв регистриран случај на фиброза предизвикана од пластика кај диви животни, велат научниците, а пренесува британски Guardian.
Загадувањето со пластика станува толку широко распространето што се пронајдени лузни кај птици од различна возраст, се вели во студијата објавена во Journal of Hazardous Materials.
Утврдено е дека и младите птици ја имаат оваа болест и се смета дека се заразиле кога нивните родители ги хранеле со храна загадена со пластика.
Научниците, вклучувајќи ги и Alex Bond и Jennifer Lavers од Природонаучниот музеј, го проучувале живеалиштето на птиците на австралискиот остров Lord Howe за да ја утврдат врската помеѓу проголтаната пластика и почетниот дел од стомакот на птицата.
Откриле дека колку повеќе пластика голта птицата, толку повеќе има лузни.
Болеста може да доведе до постепено влошување на жлездите во тој дел од дигестивниот тракт.
Губењето на овие жлезди може да предизвика птиците да станат неотпорни на инфекции и паразити и може да влијае на нивната способност да ја варат храната и да апсорбираат некои витамини.
Научниците ја нарекле болеста пластикоза за да биде јасно дека е предизвикана од пластика во околината.
Кога птиците внесуваат мали парчиња пластика, откриле дека тоа предизвикува воспаление на дигестивниот тракт.
Со текот на времето, воспалението предизвикува лузни во ткивото, што влијае на варењето, растот и преживувањето.
Природните материјали пронајдени во стомакот на птиците, како што се камчињата, не ги предизвикувале истите проблеми, што ги натерало научниците да ја означат болеста како состојба конкретно предизвикана од пластика.
Bond, главен кустос за птици во Природонаучниот музеј, рече:
Иако овие птици може да изгледаат здрави однадвор, тие не се однатре. Оваа студија е прва што го проучува стомачното ткиво на овој начин и покажува дека консумирањето пластика може да предизвика сериозно оштетување на дигестивниот систем на овие птици.
Иако научниците проучувале само еден вид птица во еден дел од светот, тие веруваат дека се погодени повеќе видови и велат дека се потребни повеќе истражувања за да се открие колку е распространета пластикозата.
Тие велат дека изложеноста на сите организми на пластика е неизбежна бидејќи емисиите на пластика се зголемуваат, а загадувањето со пластика преовладува во сите средини на глобално ниво.



















