На Балканот му се заканува нова епидемија на опасен вирус ?! Постои голем ризик 

947

И покрај тоа што го вакцинирала своето прво дете, Вања одлучила своето второ дете да не го вакцинира против сипаници.

Психолог кој живее во Подгорица, главниот град на Црна Гора, вели дека се предомислила откако прочитала многу работи во онлајн групата на која припаѓа.

„Не верувам во системот за вакцинација. Ни недостигаат информации и образование“, изјави 44-годишната Вања за АФП, и побарала нејзиното презиме да не се објавува. “Чувствувам голема одговорност и не ми беше лесно да ја донесам оваа одлука“.

Ставот на Вања е се почест во Црна Гора, која има најмал број вакцинирани деца против сипаници во светот. Само 23,8 отсто од доенчињата во 2020 година биле вакцинирани со двете дози, според Светската здравствена организација (СЗО).

Драматичниот пад на стапката на инокулација ги принуди експертите за јавно здравје да се подготват за неизбежна епидемија на морбили во Црна Гора и соседните балкански земји каде што исто така е намалена вакцинацијата, главно поради зголемените дезинформации, особено за време на пандемијата на Ковид-19.

„Ризикот од епидемија на сипаници е висок“, изјави за АФП претставник за имунизација во СЗО. „Увозот на вирусот на мали сипаници е само прашање на време…штом ќе се увезе во ранливата популација, ќе почне да се шири.“

Во Северна Македонија, 63 отсто од децата биле вакцинирани со првата доза вакцина против сипаници, заушки и рубеола (ММР), додека во Србија 78 отсто од децата ја примиле вакцината.

Совршена бура

Експертите велат дека најмалку 95 отсто од вакцинираните со две дози се потребни за да се избегне ширење на сипаници, многу заразна болест која се шири преку воздухот и која може да биде смртоносна.

Вирусот може да предизвика компликации кои вклучуваат слепило, оток на мозокот и пневмонија, а невакцинираните деца се изложени на најголем ризик да развијат сериозни случаи – вклучително и смрт.

Сепак, со децении, постои аверзија кон вакцината ММР која е вкоренета во широко распространети дезинформации поврзани со студија од 1998 година која сугерира врска помеѓу аутизмот и вакцината, а оттогаш е научно побиена.

Обединетите нации постојано предупредуваат дека се подготвува „совршена бура“ за нови епидемии на болести кои можат да се спречат, при што пандемијата ја нарушува рутинската вакцинација.

И иако сипаниците убиле повеќе од 207.000 луѓе ширум светот во 2019 година, стапките на вакцинација паднале во многу делови од оваа наша планета.

Стапката на вакцинација со прва доза паднала од 86 на 84 отсто на глобално ниво помеѓу 2019 и 2020 година, додека според СЗО, само 70 отсто од децата примиле втора доза во истиот период.

Епидемиолозите сметаат дека ставовите против вакцинацијата на Балканот се должат на неколку фактори, како што се недовербата во владата, недостигот од сериозни мерки за спроведување и поплавата од дезинформации што ги преплавија социјалните мрежи за време на пандемијата на коронавирусот.

Во Црна Гора, лекарите ја повикаа владата посериозно да го сфати проблемот и предупредија дека малите казни за родителите кои одбиваат задолжителна вакцина не се доволни за да се запре движењето против вакцинацијата.

„ММР вакцината во моментов не е услов за упис во училиштата и градинките“, изјави за АФП Милена Поповиќ Самарџиќ, епидемиолог од Црногорскиот Институт за јавно здравје.

Речиси една третина од Црногорците веруваат во теоријата на заговор дека лекарите и владата се обидуваат да ги вакцинираат децата со вакцини кои предизвикуваат аутизам, според студијата на Ипсос од 2021 година.

Истиот извештај, исто така, покажа дека повеќе од половина од населението на земјата е убедено дека „глобалните елити“ создале коронавирус за да го намалат населението на планетата.

„Доста ми е“

Во Србија, вакцината е задолжителна за запишување ученици во училиштата, но експертите велат дека властите често замижуваат пред проблемот додека епидемијата не ги принуди да реагираат.

„Државата само треба да ги следи правилата што сама ги има поставено“, рече Георгиос Константинидис, шеф на Српското здружение за педијатри. „Но, никој не го прави тоа – ниту родителите, ниту луѓето во градинките кои ги запишуваат децата „преку врска“.

Србија последен пат беше погодена од епидемијата на сипаници во 2017 година, што резултирало со 3.800 пријавени случаи и 12 смртни случаи, меѓу кои и две деца.

По избувнувањето, државните обвинители покренале постапка против 43 истакнати антиваксери за „предизвикување паника“, но никој не е осуден, рече Владимир Чимерман, белградски лекар кој помогнал во поднесувањето на тужбата.

Лекарите во Србија се повеќе се фрустрирани поради игнорирањето на предупредувањата.

„Ни недостасува општествена одговорност. Уморен сум од се“, рече Константинидис. „Она основното човечко исчезна од ова општество, дури и на глобално ниво“, пренесува Хина.