Медицина на иднината | Биоразградлива електроника која по заздравувањето исчезнува во телото

198

Медицината на иднината изгледа поблиску од кога било. Заедно со бројните научни откритија, кои се откриени во последните неколку години, биоразградливата електроника доаѓа како шлаг на тортата.

Тим на истражувачи дизајнирале флексибилни електронски компоненти кои можат да се растворат во телото и водата. Компонентите може да се користат за паметни уреди кои едноставно исчезнуваат по употреба.

Ова откритие може многу да ѝ помогне на медицината во иднина, бидејќи операциите нема да мора да се повторуваат, со цел електронските импланти да бидат отстранети откако ќе ја завршат својата работа во телото.

Биоразградливата електроника може да се користи во привремени импланти кои се борат со хируршката инфекција на одредено време или го стимулираат растот на коските, а потоа исчезнуваат во телото, велат истражувачите.

Таквите уреди би имале поширока примена од самата медицина, би можеле да се борат со еколошки катастрофи, како што се излевања на нафтата, а потоа да исчезнат во морето, додаваат научниците.

Исто така, биоразградливата електроника може да најде примена во производите за еднократна употреба за да го намали негативното влијание врз животната средина генерирано од тони и тони фрлена електроника.

Проектот го водат Џон Роџерс, научник од Универзитетот во Илиноис и Фиоренцо Оменето, биомедицински инженер на Универзитетот Тафтс во Медфорд, Масачусетс. Двајцата тврдат дека по неколку години напорна работа и истражување, можат да направат било каков електронски или оптички уред со висока технологија – кој исчезнува откако ќе си ја заврши работата.

„Можете да замислите како биомедицински уреди се имплантираат во телото, го следат или влијаат на процесот на заздравување, а по заздравувањето – тие едноставно исчезнуваат, со што се елиминира потребата да се отстранат со нова операција“, рече Роџерс.