На 15 јули 1882 година е роден Павел Шатев првиот министер за правосудство на првата македонска Влада

40

На денешен ден пред 138 години во Кратово е роден првиот министер за правосудство на првата македонска влада, солунскиот гемиџија Павел Шатев.

На 15 јули 1882 година во Кратово е роден Павел Шатев, македонски револуционер, родољуб и публицист, еден од легендарните солунски атентатори познати како Гемиџии, крунски сведок што останал да раскажува за она што се случувало во Солун пролетта 1903 година.

Животот на Шатев е многу бурен и мачен. Тој бил член на АСНОМ и министер за правосудство во првата македонска влада и една од првите жртви на комунистичката тортура. Поради несогласување со повоената државна политика бил отстранет од политичката сцена, осуден на тивка смрт од комунистичкиот режим. Умрел во Битола на 30 јануари 1951 година, каде што е и погребан, бидејќи тогашните комунистички власти не дозволиле дури и последното испраќање да му биде во родното Кратово.
Шатев се школувал во родниот град, прогимназија завшил во Скопје, а во 1900 година матурирала во Солун во машката гимназија.

Во 1908 година, по Младотурската револуција, заминал во Брисел каде студирал на Правниот факултет.

Шатев имал важна улога во потпишувањето на Мајскиот манифест, а од 1925 година активно учествувал во дејствувањето на ВМРО (Обединета).

Во ноември 1941 година бил уапсен од бугарската полиција, а во јуни 1942 година на големиот судски процес против комунистите бил осуден на 15 години затвор.

По капитулацијата на Бугарија во септември 1944 година се враќа во Македонија и се вклучува во политичкиот живот. На 27 октомври 1944 година бил кооптиран за делегат на АСНОМ, на Второто заседание на АСНОМ, одржано на 30 декември 1944 година бил избран за член на Президиумот на АСНОМ, а во април 1945 година станал прв министер за правосудство во првата Влада на слободна Македонија. На таа функција останува една и пол година, до изборот на нова влада, на 31 декември 1946 година.

На 16 јуни 1949 година Шатев бил уапсен „како непријател на државата“ и набрзо, на 27 јуни, му бил одземен пратеничкиот имунитет. Во истражниот затвор во Скопје бил задржан 11 месеци, до мај 1950 година, по што бил испратен во домашен притвор во Битола, бил лишен од контакти со надворешни лица и држан во тешки услови. Набрзо се разболел и, бидејќи не му било дозволено да се лекува, починал во јануари 1951 година.

Комунистичките власти не дозволиле ниту да биде погребан во родното Кратово, туку бил закопан на битолските гробишта, без дозвола на погребот да присуствуваат неговите најблиски.