Дали сте меѓу оние родители кои постојано “брмчат” околу детето, го проверуваат и контролираат кога нешто прави, или сте од оние кои секогаш ќе му притрчате во помош?
Американското списание Психологија Денес, беше фокусирано на важните животни лекции и во нив ја вклучи лекцијата за родителството, тврдејќи дека заштитничкото родителство е поштетно отколку ” запоставувањето.”
Еве зошто:
Секој родител е во искушение да претера во родителството. Има многу родители кои се ставаат постојано во одбрана нa детето, штитејќи го од секоја неправда, заштитувајќи го од другите, помагајќи му во секојдневните задачи… Постојат и такви родители кои веруваат дека тие мора постојано да го носат детето во кревет или да го делат креветот со него, со цел да постигнат безбедна врска. Во сите негови форми, “претераното родителство”, се чини дека е сосема логично гледано од страна. Родителите сакаат нивните деца да растат чувствувајќи се сакани и среќни.
Но, според Психологија Денес, ова покажува општа недоверба на родителите, како во другите родители, така и во разните институции и установи, и ги принудува на премногу грижа и заштита на децата. Тие го преценуваат своето влијание врз развојот на детето. Ова исто така покажува недоверба на родителите во природниот тек на развојот и детската спонтана желба за учење. Тие немаат доверба во фактот дека приврзаноста се развива и произлегува од нормалната грижа за детето. Потребата родителите да интервенираат, станува уште посилна кога ќе ги доживеат децата како сурогати за исполнување на сопствените желби и соништа.
Претераната грижа за заштита од стрес на возраснте деца, претпоставувајќи дека сте им потребни во секој миг, за тие да се чувствуваат безбедно, е штетна за нивниот развој на подолг рок. Студијата на неколку стотици различни односи меѓу родителите и децата покажала дека, родителството кое не е во согласност со возраста на детето, создава бесцелни луѓе наклонети кон депресија, со недостиг на способност да се направи план и спроведе истиот во пракса. Не дозволувајќи им на своите деца да се “сопнуваат” на мали нешта, родителите спречуваат да се развиваат способностите за преживување и развој на самодовербата, што предизвикува долгорочна зависност и потпирање на родителите.
Постојано, прекумерно мешање на родителите, доведува до зголемено верување на детето дека сè му “следува.” Децата кои се навикнати да добиваат од родителите се што им е потребно без напор, мислат дека имаат право на сè, иако не се доволно способни да го постигнат тоа што го сакаат. Ова расудување предизвикува понатамошно разочарување во животот каде признанијата не се добиваат толку лесно.
Што е мало занемарување?
За разлика од заштитничко родителство, малото занемарување е како вакцина.
Ако децата се борат со мали проблеми, ќе развијат одредени вештини за преживување и ќе се здобијат со самодоверба дека можат да решат проблем. Под мало запоставување се подразбира дистанцирање на родителите од ситните проблеми со јасно покажување дека тие се тука, за да може детето самостојно да расудува и ги решава проблемите, и осознава чувството на сопствените способности.
Дозволете им на децата да живеат со разочарувањето и решавањето на проблемите самостојно, колку што е можно повеќе, уверувајќи ги дека сте слушнале за нив и дека секогаш сте на располагање за морална поддршка.
Верувајте во нивната способност да ги надминат сите пречки кои се на нивниот пат. Родителот треба да се стави во функција да му помогне на детето на патот кон самостојноста, дозволувајќи им да се справат со разочарувањата. Ова е една од најдобрите обуки кои можат да ги добијат во соочувањата со поголемите предизвици што следат во животот.
Подготви педагог Виолета Крстевска Васиќ



















