По 11 години се разбудил од кома, и веднаш прашал за Федерер

281

Хесус Апарисио се разбудил од кома по 11 години. За една деценија во светот се промениле многу работи, но една која најмногу го интересирала останала иста.

Апарисио е голем вљубеник во тенисот и уште постраствен обожавател на тенисерот Рожер Федерер, па 29-годишното момче било изненадено што Швајцарецот и по 11 години се уште е на врвот на светскиот тенис.

За ова момче времето застанало на 12 декември 2004 година кога во сообраќајна несреќа поради повреди на главата паднал во длабока кома. Тогаш имал само 18 години.

Во тоа време Федерер имал 23 години и беше прв играч на светот. Но, Апарисио не можел да верува дека швајцарскиот ас се уште е активен и дека е освојувач на дури 17 Грен слем титули.

– Штом се разбудив од кома прашав за Федерер. Мислев дека е во пензија. Кога ми кажаа дека има 34 години и дека во моментот е втор тенисер на светот мислев дека се шегуваат со мене. Уште повеќе се изненадив кога ми кажаа дека има освоено 17 титули – изјавило ова момче.

Додека бил во кома Апарисио пропуштил да види како Федерер освојува дури 13 големи титули, а освен тоа не сведочел на големото ривалство помеѓу Швајцарецот и Рафаел Надал.

Тој сепак успеал да го гледа финалето на Ју-ес Опен на кое Федерер изгуби од, за Апарисио непознатиот, Новак Ѓоковиќ.

Хесус изразил желба барем еднаш во живот да го види својот идол во акција, пред да оди во пензија.