Кое е девојчето од фотографијата што го обиколи светот?

168

Колку пати само сте ја виделе оваа фотографија?

Тоа е Шарбат Гула, девојчето што живееше во кампот за бегалци во Пакистан за време на советската окупација на Авганистан. Го прослави новинарот Стив Мек Кари со фотографијата што беше објавена на насловната страница на магазинот National Geographic во јуни 1985.

Фотографијата беше споредувана со славната слика на Леонардо да Винчи и често пати беше нарекувана Авганистанската Мона Лиза.

Идентитетот на девојчето не беше познат, но фотографијата со наслов “авганистанската девојка”, го помина светот и беше прогласена за “најпрепознатливата фотографија” во историјата на пишаните медиуми.

Сликата на лицето, со црвена шамија обвиткана лабаво над главата и со впечатливите зелени очи што вџашено гледаат во објективот, станаа симбол на конфликтот во Авганистан во 80-те.

Идентитетот на девојчето остана непознат повеќе од 17 години, иако Мек Кари со години се обидуваше да дознае што се случува и каде е девојчето што му ја донесе славата.

Во јануари 2002., тимот на National Geographic влезе во потрага по девојчето од прочуената фотографија.

Откако дозна дека бегалскиот камп Нашир Баг ќе се затвора, Мек Кари талкаше со денови меѓу жителите на кампот покажувајќи ја фотографијата и прашувајќи дали некој го видел девојчето. Во потрагата тој сретна многу жени кои се обидоа лажно да се претстават дека се лицето од фотографијата.

По долгото трагање, Мек Кари ја пронајде Гула, во Авганистан, во 2002. како жена на 30-годишна возраст.

Таа го напуштила бегалскиот камп во 1992. и се вратила во својата родна земја Авганистан. Нејзиниот идентитет бил потврден  преку користење на биометриска технологија, преку идентификација на ирисот на окото.

Паштун по етничка припадност, Гула останала сираче во текот на бомбардирањето на Советскиот Сојуз во Авганистан, и била депортирана во бегалскиот камп во Пакистан во 1984. Нејзиното село било бомбардирано од страна на советските воени хеликоптери во раните 1980-ти. Гула се омажила во доцните осумдесети и се вратила во Авганистан во 1992.

Гула денес е мајка на три ќерки, Робина, Заида и Алиа и изразува надеж дека нејзините ќерки ќе добијат образование, за што таа немала можност.

По откривањето на Гула, National Geographic го подготви телевизискиот документарец, насловен “Барај за авганистанската девојка”, што се емитуваше во март 2002 година, а деновиве, повторно репризиран, по кој знае кој пат. (н.з.)

Во нејзина чест, National Geographic создаде фонд за добротворни цели со цел – едукација на авганистанските девојки и жени, а во 2008. фондот се прошири и го доби името “Фонд за авганистанските деца”.