Коалите живеат на дрвја, но се во смртна опасност на земја

612

Претходна студија открила дека околу две третини од сите познати смртни случаи на коали се случуваат во овој краток период – обично поради напади од кучиња или судири со автомобили.

Коалите го поминуваат поголемиот дел од своето време на дрвја, но се во смртна опасност кога ќе се спуштат на земја, откри ново австралиско истражување.

Овие торбари се загрозен вид во Австралија и нивната популација се намалува многу брзо поради губење на живеалиштата, нивна фрагментација, разни болести и бројни други закани.

Коалите поминуваат само околу 10 минути дневно на земја, но научниците откриле дека една третина од смртните случаи на симпатичните торбари се случуваат во тоа време.

Иако тие претежно живеат на дрвја, поради масовното расчистување на големи површини шума и земја, тие сè повеќе се принудени да се селат движејќи се по земја, што ги става во сериозен ризик од повреди и смрт, вели Gabriella Sparkes, докторант на австралискиот Универзитет во Queensland.

Таа им опремила на некои од коалите GPS огрлици за да може да ги следи нивните движења што е можно поблиску. Уредите ја снимале нивната локација во кратки интервали, разликувајќи помеѓу одење, качување по дрвја и одмор, што му овозможило на докторантот да изврши исклучително детална анализа.

Овие торбари обично се симнуваат од дрвјата само два до три пати навечер и поминуваат просечно само 10 минути на земја, што е помалку од еден процент од вкупното време, вели Sparkes.

Но, една претходна студија покажала дека околу две третини од сите познати смртни случаи на коали се случуваат токму во тој краток период – обично од напади од кучиња или судири со автомобили.

Истражувачите се надеваат дека ќе ги искористат наодите за да идентификуваат услови на животната средина кои се особено опасни за коалите и да развијат поефикасни стратегии за зачувување на овие животни, наведени како „ранливи“ на Црвената листа на Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN).

Доколку можеме да ги идентификуваме видовите дрвја или условите на живеалиштата што ги охрабруваат коалите да останат на дрвјата подолго, можеби ќе можеме да дизајнираме или управуваме со пејзажи на начини што ќе ја намалат потребата тие да се движат по земја, вели Sparkes, предлагајќи поставување предмети или јажиња што би ги поврзувале оддалечените крошни на соодветни дрвја за да се намали растојанието да коалите во тек на движење не мораат да се спуштат на земја.