Коронавирусот се однесува слично како вирусот за заушки и вирусот Зика кои можат да навлезат во тестисите и да предизвикаат воспаление.
Спротивно на митовите што кружат по социјалните медиуми, вакцините против Ковид-19 не предизвикуваат еректилна дисфункција и машка неплодност, пишува IFLScience.
Но, вирусот SARS-CoV-2 може да ги предизвика двете нарушувања. До денес, малку истражувања се спроведени за тоа како вирусот или вакцините влијаат врз машкиот репродуктивен систем. Но, неодамнешното истражување на лекарите и истражувачите на Универзитетот во Мајами фрли нова светлина на овие прашања.
Откриле потенцијални долгорочни последици за мажи од сите возрасти, вклучително и за помлади и средовечни луѓе кои сакаат да имаат деца. Истражувачите го анализирале ткивото на тестисите на шест мажи кои починале од инфекција на „Ковид-19“.
Резултатите од тестот покажале дека коронавирусот се појавил во ткивото на еден од мажите, а тројца мажи имале намален број на сперматозоиди. Пациент кој преживеал „Ковид-19“, бил подложен на биопсија на тестисите приближно три месеци по инфекцијата, а резултатите од тестовите покажале дека тој сѐ уште има коронавирус во тестисите.
Пожелно е вакцинирање
Истражувачкиот тим, исто така, открил дека „Ковид-19“ влијае на пенисот. Анализата на ткивото на пенисот на двајцата мажи кои добиле импланти покажала дека вирусот бил присутен седум до девет месеци по дијагнозата на „Ковид-19“. И двајцата развиле тешка еректилна дисфункција, веројатно затоа што инфекцијата предизвикала намалено снабдување со крв во пенисот.
Еден од мажите имал само благи симптоми на Ковид-19, додека другиот бил хоспитализиран. Истражувачите заклучиле дека луѓето со релативно благи симптоми може да доживеат сериозна еректилна дисфункција по закрепнувањето.
Коронавирусот се однесува слично како вирусот за заушки и Зика вирусот, кои можат да навлезат во тестисите и да предизвикаат воспаление. До 20% од мажите заразени со овие вируси ќе имаат нарушено производство на сперма.
Исто така, тим истражувачи спровеле студија на 45 мажи која покажала дека вакцините Pfizer и Modern се безбедни за машкиот репродуктивен систем. Затоа препорачуваат вакцинација за да се зачува плодноста кај мажите и сексуалната функција.



















