Интересот кај децата битен за развивање на способноста за концентрација

353

Концентрацијата е од суштинско значење за успех во работата или за било која активност. Во секојдневниот живот, добрата концентрација е многу важна за правилното функционирање. Денес многу луѓе страдаат од недостаток на концентрација. Овој проблем се јавува и кај децата и кај возрасните.

Дали едно дете ќе има добра концентрација или не, зависи колку тоа се интересира за она што го опкружува, вели доктор Персида Малинска од Центарот за јавно здравје од Скопје.

– За да бидеме праведни спрема децата, мора да ги познаваме нивните тешкотии, желби и сфаќања. Возрасните многу лесно ги осудуваат младите, не размислувајќи за причините на нивните грешки, наместо да им помогнат со зборови, дела и да ги оспособат за владеењето со животот. Интересот кај луѓето воопшто, има значајно влијание врз перцепирањето и осознавањето на новосоздадените импресии. Ако ученикот уште како мал нема интерес за она што го опкружува, тој се повлекува и се затвора во себе, станува интровертен и, бидејќи неговите информации се минимални, тој не може да се адаптира во новите ситуации и средби со другите, чии информации се обемни. Подоцна, таквиот ученик потешко го совладува наставното градиво, а знаењата се површни и краткотрајни, способноста за концентрација се намалува, а бројот на грешките расте, иако некои од децата доста се залагаат за да научат нешто повеќе, вели докторката.

Таа потенцира дека причините за слабата моќ на концентрација се многу и тоа се должи на многубројните телесни оштетувања од здравствена природа како што се, на пример: оштетениот мозок, прележани тешки заразни и незаразни болести, оштетениот центар за паметење, нарушени хормонални излачувања, незгодите и стресовите, промените во расположението, млитавоста, пречките при варење на храната, заморот, внатрешниот немир, преголемата развиена фантазија и друго.

Наставникот треба да побуди интерес кај учениците

Дали учениците ќе бидат иницијативни или не, многу зависи и од обемот и содржината на наставниот процес и од наставникот, вели докторката.

– Доколку наставникот умее да го побуди интересот кај своите ученици, тогаш ќе има поголем успех во изведувањето на наставата и помали дисциплински последици и тешкотии, за разлика од оној наставник што не умее тоа да го направи.

Често се случува учениците да се договорат и да ја бојкотираат наставата, а наставникот тоа го решава по кратка постапка со ставање единици на сите или оди кај директорот со барање тој да го реши проблемот, забележува нашата соговорничка.

Според неа, грешката е можеби кај наставникот. Доколу наставникот забележи дека учениците не се расположени за соработка (обработка на некоја од лектирите) тогаш не би требало да го прекинува часот, туку би требало да се започне некој разговор со нив, нешто што не е во врска со наставата (филм од вечерната ТВ- програма, некоја анегдота од секојдневниот живот со желба да им се доближи и да ги сфати причините за таквиот однос, без многу да ги заплашува и казнува учениците.

– Со таквиот толерантен однос на наставникот, се гради доверба која се смета за една од најдобрите особини на човекот, бидејќи со неа се избегнуваат инцидентите што се пресудни кај сите луѓе било мали или големи, заклучува докторката.

Продолжува на страна 2