Светската здравствена организација (WHO) го идентификуваше овој проблем како една од трите најголеми закани за глобалното здравје, а научниците го нарекуваат „глобална здравствена криза“.
Антибиотиците спасија милиони животи во последните сто години од нивната интензивна употреба. Меѓутоа, во последниве години, се повеќе научници и лекари предупредуваат за прекумерната употреба на антибиотици и се поголемата опасност што таа ја претставува.
Имено, антибиотиците поради нивната ефикасност почнаа да се препишуваат и тогаш кога реално не треба да се препишуваат. Ова доведе до фактот дека сè повеќе бактерии, за кои се користеа антибиотици, станаа отпорни на нив. Тоа, пак, доведе до нов проблем – пронаоѓање на нови антибиотици кои ќе бидат ефикасни против резистентни бактерии. И светот полека влезе во затворен круг.
Светската здравствена организација (WHO) ја идентификуваше отпорноста на антибиотици како една од трите најголеми закани за глобалното здравје, а научниците ја нарекуваат „глобална здравствена криза“.
Зголемување на отпорноста на бактериите
Д-р Robert Bonomo, истражувач за отпорност на антибиотици и професор на Медицинскиот факултет на Универзитетот Case Western Reserve, изјави за Yahoo Life дека лекарите често препишуваат различни антибиотици за повторливи инфекции на уринарниот тракт, зголемувајќи го ризикот бактериите да станат отпорни на нив.
Бидејќи инфекциите на уринарниот тракт често бараат повеќекратни земања на антибиотици, тие можат дополнително да поттикнат отпор, зголемувајќи ја веројатноста дека други инфекции – како пневмонија или инфекции на крвотокот – исто така ќе станат потешки за лекување, изјави за Yahoo Life, Daniel Park, постар научник од Факултетот за јавно здравје на Институтот Милкен на Универзитетот George Washington.
Покрај тоа, отпорноста на антибиотици може да доведе до потенцијално неизлечиви инфекции. Според една студија објавена во списанието The Lancet, предвидувачките модели проценуваат дека повеќе од 39 милиони луѓе ширум светот би можеле да умрат од инфекции отпорни на антибиотици во следните 25 години.
Дека тоа би можело да претставува сериозен проблем во иднина, покажува примерот од САД, каде што откриле дека се повеќе инфекции на уринарниот тракт стануваат отпорни на антибиотици кои вообичаено се препишуваат за нивно лекување.
Колку ќе бидат успешни антибиотиците зависи од нас
Во март 2025 година, Управата за храна и лекови на САД (FDA) ја одобри првата нова класа на антибиотици по речиси 30 години, специјално за третман на инфекции на уринарниот тракт – Blujepa е триазааценафтилен антибиотик.
Со оглед на тоа што истражувањата сугерираат дека 92 отсто од бактериите кои предизвикуваат инфекции на уринарниот тракт се отпорни на барем еден антибиотик, а речиси 80 отсто се отпорни на најмалку два, одобрувањето на нов антибиотик е голема работа.
Но, новиот антибиотик нема долго да биде ефикасен доколку неговата употреба не се контролира. А тоа значи дека и лекарите и пациентите треба да користат антибиотици кога се потребни. Пациентите треба да ги следат упатствата на својот лекар, упатствата за земање антибиотици и да не ја прекинуваат терапијата предвреме, бидејќи тоа само ги зголемува шансите бактериите да развијат отпорност.
Низ светот се развива цела низа нови антибиотици. Прашањето е само кога ќе станат достапни и колку долго ќе бидат ефективни. И токму на овој последен дел сите би можеле да влијаеме со своето однесување.