Иглите влегуваат во историјата? Оваа технологија може да го зголеми опфатот со вакцинација

442

Полесно е за транспорт и администрирање од традиционалните вакцини, особено во посиромашните земји.

Фондацијата Bill и Melinda Gates инвестирала 23,6 милиони долари во американската биотехнолошка компанија Micron Biomedial за развој на масовна примена на вакцини без употреба на инјекции.

Новата технологија се базира на примена на вакцини со фластери со растворливи микроиглички. Технологијата долго време ја поддржуваат глобалните здравствени експерти поради нејзиниот потенцијал да го зголеми опфатот со вакцинација против смртоносни болести.

Полесно е за транспорт и администрирање од традиционалните вакцини, особено во посиромашните земји, каде што вакцинирањето на децата останува предизвик. Сепак, зголемувањето на производството е пречка.

Во тест вакцинацијата на возрасни и новороденчиња во Гамбија оваа година, технологијата за вакцина против сипаници и рубеола на Micron се покажа како безбедна и ефикасна како и традиционалната вакцина и произведе сличен имунолошки одговор. Вакцината е произведена од Институтот за серум во Индија.

Технологијата „може да помогне да се отстранат клучните бариери за искоренувањето на сипаниците и рубеолата на глобално ниво“, рече James Goodson, постар научник во одделот за имунизација во американскиот Центар за контрола и превенција на болести, партнерска институција на Micron.

Ја елиминира потребата од ладен мост за време на транспортот, а примената не бара здравствен работник. Може да им помогне и на оние кои имаат страв од игли, објави компанијата во четвртокот.

Финансирањето ќе овозможи развој на производство на десет милиони фластери годишно за поголеми клинички испитувања и поширока употреба.