Храбри мајки | Шефот ѝ кажал дека не може да работи и да биде мајка 

337

За жал се уште постојат луѓе кои веруваат дека жените не можат да бидат добри мајки и да имаат успешна кариера.

Таков човек решил да ја критикува Susan Keogh, радио презентерка од Ирска, кој ѝ рекол дека „не треба да има дете и да работи“.

Киох решила да возврати на критиката со јавно писмо околу тоа како жените навистина се чувствуваат кога некој маж ќе им каже што треба да прават, а што не.

„До Храбриот Маж,

Ја примив твојата порака. Онаа каде ми потенцираше дека, ако толку многу ми недостасува мојата 4-годишна ќерка, додека сум на работа, тогаш би требало да се откажам од истата. Или барем да престанам да објавувам фотографии од неа. Како не помислив на тоа? Навистина ми помогна.

Работам поради многу причини. Ја сакам мојата работа. Многу ми е важна. Можеби не спасувам нечиј живот, го разбирам тоа, но работата ми е важна. Уживам во неа. Ме прави среќна и исполнета. Како резултат на тоа, јас сум и подобра мајка.

Работам од понеделник до петок. Тоа се пет дена во кои моето дете оди во градинка. Како јаготка на шлагот – повеќето ноќи не доаѓам на време да ја легнам во кревет да спие. Знаеш колку луѓе ми го потенцираат тоа? Премногу. Мојот сопруг излегува од дома во 5 часот наутро. Тој не успева да се разбуди заедно со неа. Знаеш колку луѓе му го потенцираат тоа на него? Ниту еден.

Дали чувствувам грижа на совест? Секој ден. Понекогаш 10 пати на ден. Дали сакам времето да застане во текот на викендите? Секако дека да. Но, работам за да ѝ овозможам подобра иднина на мојата ќерка. За тогаш кога ќе наполни 16 години и ќе сака да оди на екскурзија од училиште за да скија, да можам да и кажам „Да, може“. Секако дека се плашам дека еден ден ќе ми каже дека би сакала да бев дома и да поминуваме повеќе време заедно, но се обложувам дека поважно ќе ѝ биде да отиде на скијање. Така? ТАКА?

Моментот кога моето дете ќе посака да биде „цвеќарка“ – не сум сигурна дали ова значи дека ќе продава цвеќиња или ќе ги носи, нема да ми биде важно. Јас не сум одбрала кариера за да ѝ покажам дека и таа може да има. Може да прави што ќе посака. И претпоставувам, токму затоа и јас го правам она што ме прави среќна. Сакам да и покажам дека има избор. Сакам да биде доволно самоуверена за да направи сопствен избор. Сакам да одбере среќа.

Претходно можеби те именував како „Храбар Човек“, но она што навистина го мислев е „Идиот“.“