Марсел Пант, најмладиот херој на Француското движење на отпорот, загинал со само шест години и конечно неговото име ќе биде испишано покрај другите борци против нацизмот.
Пант беше курир во Движењето на отпорот, а загинал во август 1944 година кога случајно пукнала пушката на еден од неговите соборци.
Дадена му е почест на Денот на помирувањето на церемонијата во Екс-ан-Вијен, место во централна Франција, недалеку од градот Лимож.
Неговиот татко, Јуџин Пант – тајно наречен Атос – бил еден од локалните водачи на Движењето на отпорот, водејќи мрежа борци од фарма недалеку од Екс-ан-Вијен.
Која била улогата на Марсел?
Момчето било агент за врски, носело тајни пораки и писма до блиските фарми.
„Со училишен ранец на грб, тој никому не бил сомнителен“, вели Марк Пант, внук на таткото на Марсел, Јуџин.
Марсел ги изненади луѓето со својата „неверојатна меморија“, па му била доверена задачата да им носи пораки на другите водачи на Движењето на отпорот.
„Веднаш ги укапирал сите работи“, изјавил Марк Пант за АФП.
Според него, Марсел сакал да го поминува времето во шумата со други француски партизани, познати како maquisards.

Јуџин, неговата сопруга Пола и петте деца живееле на фармата каде што се одржувале состаноците со борците на Движењето на отпорот.
Александар Бремо, исто така еден од потомците на семејството, со години ја истражувал приказната на Марсел затоа што, како што кажа, официјалните податоци се занимаваат само со борците и операциите.
Во податоците, додава тој, нема луѓе кои им помагале на борците – претежно жени и деца – и кои исто ги ризикувале своите животи за да ја поразат нацистичка Германија.
„Баба ми (Марсел) го опишала како многу среќен, интелигентен и генијален брат, секогаш подготвен за беља“, изјавил Бремо за Би-Би-Си.
Марсел сакал да учествува во борбата против нацистичка Германија и станал агент познат како Канкан (Quinquin), односно мало дете.
Фармата била на „скришно место, до кое тешко било да се стигне“ и партизаните сметале дека е „практична и дискретна“, изјавил Бремо за Франс Прес.
Улогата на Марсел подоцна ја признала и француската држава.
Постхумно му бил доделен чин наредник на Движењето на отпорот во 1950 година, а во 2013 година Канцеларијата за поранешни борци и жртви на војната постхумно му додели признание за „доброволец во борбите во рамките на Движењето на отпорот“.

Како загинал Марсел?
Движењето на отпорот ги засилило операциите против Германците во 1944 година, кога сојузниците тргнале преку Нормандија да ја ослободат Франција и остатокот од Европа.
Една вечер, Марсел заминал со група партизани на местото каде што пакет муниција и слични работи требале да паднат со падобран.
Одеднаш, додека чекале, пушката на еден од борците случајно пукнала и го погодила Марсел неколку пати.
Бремо вели дека Британците му оддале почит на Марсел користејќи црни падобрани во следната пратка муниција.
Бремо пронашол запис за француски војник во воените архиви во Винсен, кој ја содржи приказната за Марсел, а постапките на неговиот татко за време на војната биле добро познати.
Марсел бил погребан во август 1944 година, неколку часа пред ослободувањето на Лимож.
„Бие присутни многу баталјони, а ковчегот бил покриен со знамето на Франција“, вели Марк Пант.
Јуџин почина во 1951 година, на 49-годишна возраст и бил погребан покрај неговиот син во Екс-ан-Вијен.



















