Екстремни горештини, дождови, поплави … | Експертите објаснуваат зошто се случуваат катастрофи во Европа: “Ова е само почеток”

1056

“Во 2021 година, веќе не се поставува прашањето дали климатските промени придонеле за ова. Единственото прашање е КОЛКУ”.

Зголемување на температурите и поослабите атмосферски струи: Поради климатските промени, веројатно ќе се соочиме со поекстремни временски услови, како што се моменталните поплави. Дури и Месечината создава проблеми, пишува ДВ.

Повеќе од стотина луѓе загинаа во поплавите што оваа недела уништија безброј домови и патишта во Германија, Белгија и Холандија. Бројот на исчезнати е уште поголем. Луѓето кои ги изгубија своите најблиски или целиот свој имот сè уште се во целосен шок.

Досега, поплави од оваа големина во Германија се случиле само еднаш во неколку децении. Но, поради климатските промени, предупредуваат метеоролозите, ваквите екстремни временски настани моат да станат почести во иднина.

„Екстремно обилните дождови ќе бидат почести во сè потоплиот свет“, рече експертот за климатски промени Андреас Финк од Институтот за метеорологија и климатски истражувања од Технолошкиот институт Карлсруе во интервјуто за ДВ.

Потоплиот воздух може да акумулира повеќе вода

Една од причините е што поради глобалното затоплување, атмосферата се менува.

“Со секој пораст на температурата за еден степен, атмосферата може да апсорбира околу седум проценти повеќе влага”, вели Себастијан Сипел од Институтот за клима и атмосфера, од Швајцарскиот технички универзитет во Цирих. “Таа дополнителна влага, што е причина за затоплувањето, предизвикува поголеми количини на врнежи на долг рок, особено обилни дождови. Во исто време, експертите не се сомневаат дека климатските промени предизвикани од човекот ја загреваат атмосферата.”

“Во 2021 година, прашањето повеќе не е дали климатските промени придонесоа за ова. Единственото прашање е колку”, рече Карл-Фридрих Шлауснер, раководител на истражување на Универзитетот за географија на Универзитетот Хумболт во Берлин, за тековните поплави во Германија .

Послаб “jet stream”

Друг аспект што е веројатно поврзан со екстремните временски прилики, како што се поплавите во Германија и соседните земји или топлотниот бран на западниот брег на САД и Канада, сè уште не е целосно разјаснет, но експертите веруваат дека игра важна улога.

Се работи за атмосферските струи кои всушност помагаат за брзо движење на нашите умерени географски широчини, области со висок и низок притисок.

Климатските експерти како Андреас Флинк претпоставуваат дека „jet stream”, западен ветер кој дува на надморска височина од околу девет километри над Северниот пол, ја изгубил својата сила во последните неколку години, што доведува до осцилации во некогаш постојаниот проток на воздух.

“Овие осцилации предизвикуваат бранови кои потоа остануваат на исто место и можат, во зависност од тоа каде се наоѓаат, да предизвикаат екстремни топлотни бранови, како што доживеавме во Северна Америка, или може да предизвикаат поплави”, објаснува Флинк.

Значи, областа на висок и низок притисок тогаш не се движи толку силно. Во случај на полето со низок притисок „Бернд“ (што ги предизвика сегашните поплави во Германија со обилни врнежи од дожд), имавме баш таква ситуација да има „застој“ над едно место.

Големи поплави поради Месечината?

Друга работа за која треба да се грижиме кога станува збор за поплавите: во следната деценија, и осеката и плимата ќе бидат поекстремни од вообичаеното. Причината за ова е нерамномерноста во орбитата на Месечината. Додуша, оваа промена се јавува еднаш во околу 18 години – но следниот пат кога ќе се случи, во следната деценија, нивото на морето, поради глобалното затоплување, ќе се зголеми доволно да биде причина за загриженост.

„Во средината на месечевиот циклус долг 18,6 години, интензитетот на осеката и плимата на Земјата е слаб: плимата е пониска од вообичаеното, а осеката поголема“, беше објаснето на веб-страницата на американската вселенска агенција НАСА.

„Во втората половина на циклусот, нивоата на водата стануваат поекстремни: плимата е поголема, а осеката пониска“.

Научниците предвидуваат дека поплавите ќе траат долго, што може да има катастрофални последици. Во комбинација со растечкиот број на екстремни временски прилики, кои ги носат климатските промени, ова е вознемирувачка вест.