COLUMNS | РибоЛов – Рената Миленковска

455

Луѓе, јас можеби сум жена т.е. сигурно сум жена, не би сакала да се сомневате, меѓутоа овојпат сепак морам да застанам на страната на мажите. Подолго време со отворен ум,без предрасуди, реално соочувајќи се со непосредни факти и долга историја на истите, не носена од чувства, анализирајки до најмал детал во доцните часови исто како и рано изутрина и напладне, во секоја можна пригода и расположение, јас драги мои дојдов до заклучок дека: Мажите се греота и патем се непоправливи во однос на тоа прашање. Мене искрено ми е жал за Секој од Вас. Ама искрено…

Еве и зошто …

Неодамна ми текна на една компарација, туку-така одникаде и некој ден размислувам како ова да го склопам во реченици, за Вие да го разберете на начинот на кој ќе ви го претставам.

Ако всушност во било кој сегмент од животот сте се сретнале со рибарење, директно или индиректно тогаш сигурна сум дека ќе ме сватите: Жената е Тапа, а мажот Јадица. Мхм… Знам дека се смешкате за Тапа ама ај да видиме до крај …

Тапа -тоа е нешто без кое е невозможно да имате улов каков што би посакале,освен ако не сте излезени да ловите “американци”. Обично децата ловат со стапЧЕ без фул опрема и конче. Затоа што не е битен уловот каков ќе биде туку е најбитно да се улови воопшто ако се улови нешто. Тука следува скакање, радости раскажувања на пријатели и роднини како е малиов опасен ‘рибар’. Ооооккк … Е сега малиов веќе расте и сака во спортот да навлезе суштински. Па скокаат тука роднини и пријатели кои го убедуваат дека за добар, плоден рибарски живот ти треба бате супер Тапа.Така повеќето жени стануваат Тапи на своите мажи. А Тапата луѓе мои е едно ‘чудовиште’ способно од манипулација до реинкарнација и со оваа изјава сум смртно сериозна.

Ете да речеме дека во една точка брачниот живот е ‘рибар’,мажот е ‘јадица’, а жената е ‘тапа’. Секако дека рибата од вода ја влече Рибарот, но Јадицата е таа која мора да го издржи сиот тој товар и борбата. Да не попушти. И така Јадицата придонесува за Рибарот долго време. Но, тука постои една маана. Ако фаќаш караш со 11-ка, сигурно ќе ти откачи крап на истата. А замислете сиромашкниов рибар само таква има и цело време се дави во коските од карашот и неможе да си проба сочно мевце од Крапче а за бојник може само да сањари. Евентуално некое црвеноперче ама и тоа е се под знак прашање. Така доаѓа до еден момент кога на Рибаров рибарењето му се смачува и се откажува. Исто така јадицата има рок на траење, што најчесто води до разочарување кај Рибарот. Тоа е единствената алатка која за рибарење е потребна, а всушност е невозможно да се поправи ако дојде до кршење,отапување или извиткување.

Да речеме дека рибарскиот стап може да се залепи со изолир, чин на кој сум била мал милион пати присутна. Машинката исто така се лепи и поправа, рачките кои најмногу страдаат се ставаат у лангета да издржат уште малку барем и слично … Конецот исто така се наставува со такозвани чворови … Но, за жал, ако јадицата не ја бива иде директ у комшиски двор да се надене кучето со желба да кука и чмае извесен период.Како и да е да се вратиме на Тапата. Е сега …Ќе речете ај ќе и стаиме плус едно оловце па нека потоне. Хммм … Ако тоне тапата, тогаш замислете дека јадицата е сигурно поблиску до дното од неа,така да нема смисла… Тоа значи дека Рибарот упорно иде против струите на фактичкото дејство односно дека треба да има за вечера плодна трпеза. Тапа …

Таа е едно изделкано формиче од воздушест материјал. Излакирана во најубавите бои, мазна структура и волшебно мало дупче низ кое всушност проаѓа кончето. Колку ли само води ја имаат носено па и се случува бојата да и затаи со сјајот. Нооо, Рибарот познавајќи ја нејзината вредност во рибарењето, се буди рано пред зори, ги зема лаковите на жена му од “Oriflame” и ја блеснува во некој нов поубав сјај и идилата продолжува повторно. Ако веќе несака да лови караш, тогаш врло вероватно ќе ја делка со жилетче неуморно додека не ја направи совршена за Бојник. А на крајот кога конечно ќе сака да ја остави на раат тогаш и дава посебно место во она кутивче и секогаш кога ќе го отвори приборот со драго срце се присетува на сите тие прекрасни рибарења и вкусни улови кои му ги овозможила. И ете ја пензионирана, скоцкана, блесната си кулира до бескрај на единствената цел на која сакала да стигне.

Со други зборови: жена сум а жена за подоле од “ЦЕЛ” нит чула нит видела. Ќе ја имаш и среќна и тажна, и поправена и стегната, и нашминкана и не, со бушава глава и блесави бои на косата, погодени ручеци и утнати торти, изнараѓано деца и со спремни одговори за сè,ама се додека таа смета дека треба да оди со тебе низ тој пат. Кога ќе и кликне во тоа главата дека е доста е тогаш си ја заебал. Се дига бре улавата од под земја, тресе прашини од рамена се шминка со брзина на светлината, го стега половинчето до совршенство и си наметнува од достоинството. Е бате тогаш фрли си ја јадицата на комшијата у двор …

Ти нема спас …
Непоправлив си а толку ти се кажуваше низ годините каде грешиш …

Жал ми е за Вас …
Искрено и од срце …

Рената Миленковска