Експериментална пилула го намалува „лошиот“ холестерол за 60 %

658

Нова експериментална таблета ветува значителен исчекор во третманот на високиот холестерол, нудејќи можност за драматично намалување на LDL без потреба од инјекции.

Лекот, наречен енлицитид, според првичните резултати, може да го намали „лошиот“ холестерол за дури 60 проценти. Доколку добие одобрение од Американската администрација за храна и лекови (FDA), би можел да стане важна алтернатива за милиони пациенти со висок ризик од срцев удар.

Моќен ефект во комбинација со статини

Статините се основа на терапијата против висок холестерол и делуваат така што го намалуваат неговото производство во црниот дроб. Сепак, кај дел од пациентите, дури и максималните дози не се доволни за да се постигне посакуваното намалување на LDL.

Во голема клиничка студија објавена во New England Journal of Medicine, повеќе од 2.900 пациенти со зголемен кардиоваскуларен ризик биле поделени во две групи – едната примала енлицитид, а другата плацебо, паралелно со стандардната терапија.

„Постојат и други таблети што може да се комбинираат со статини, но ниту една не се приближува до нивото на намалување на LDL што го постигнува енлицитид“, изјави д-р Ан Мари Навар, кардиолог од Медицинскиот центар UT Southwestern и раководител на студијата, пренесува Science Alert.

По шест месеци употреба, енлицитид го намалил LDL за околу 60 проценти. Ефектот постепено се намалувал по прекинот на терапијата. Истражувачите не забележале значајни разлики во безбедноста меѓу двете групи, а единствената специфичност е дека таблетата треба да се зема на празен стомак.

Алтернатива на инјекциите со PCSK9

Зголемениот LDL холестерол доведува до натрупување плаки во артериите, што е клучен фактор за срцеви и мозочни удари. Додека вредност од 100 mg/dL се смета за прифатлива кај здрави лица, кај пациенти со висок ризик целта е LDL да се намали на 70 mg/dL или пониско.

Инјекциите што го блокираат протеинот PCSK9 се ефикасни во дополнително намалување на холестеролот, но нивната примена е ограничена поради цената, сложеноста и непријатноста при администрирање.

Според д-р Вилијам Боден од Универзитетот во Бостон, кој не учествувал во студијата, новата пилула покажува ефект споредлив со инјекциите со PCSK9.

Сè уште без податоци за намалување на срцеви удари

Иако резултатите за намалување на LDL се охрабрувачки, податоци за тоа дали лекот директно го намалува бројот на срцеви удари засега нема. Во тек е дополнително истражување во кое се вклучени повеќе од 14.000 пациенти.

Доколку резултатите се потврдат и регулаторните тела дадат зелено светло, енлицитид би можел да означи нова ера во третманот на висок холестерол – со поедноставна и подостапна терапија за пациентите ширум светот.