ECDC предупредува | На комарците им одговараат подолги и потопли лета, а со нив доаѓаат и дополнителни опасности

1067

Доколку вака продолжи, можеме да очекуваме повеќе случаи, а можеби и смртни случаи од болести како што се денга, чикунгуња и западнонилска треска, предупредуваат научниците.

Со трендот на затоплување, сè почестите и сериозни топлотни бранови и поплави во Европа и сè подолгите и потопли лета, условите за ширење на инвазивни видови комарци кои носат болести стануваат поповолни, соопшти Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC).

Видот на комарци Aedes albopictus, познат носител на вирусите чикунгуња и денга, се етаблира понатаму на север и запад во Европа, истакнува ECDC.

Комарецот Aedes aegypti, за кој е познат по тоа што ги пренесува вирусите на денга, жолта треска, чикунгуња, зика и западен нил, се етаблира на Кипар од 2022 година и може да продолжи да се шири во други европски земји.

Европа се соочува со тренд на затоплување каде топлотните бранови и поплавите стануваат се почести и посилни, а летата стануваат подолги и пожешки.

Ова создава поповолни услови за инвазивни видови комарци како што се Aedes albopictus и Aedes aegypti.

Aedes Albopictus, Asian Tiger Mosquito

Пред десет години, во 2013 година, комарецот Aedes albopictus бил населен во 8 земји на ЕУ и земјите од Европската економска област (ЕЕА). Оваа година комарецот е присутен во 13 земји.

Во последниве години, видовме географско ширење на инвазивни видови комарци во претходно незасегнатите области во ЕУ/ЕЕА, изјави Andrea Ammon, директорка на ECDC.

Ако вака продолжи, можеме да очекуваме повеќе случаи, а можеби и смртни случаи од болести како што се денга, чикунгуња и западнонилска треска. Напорите мора да се фокусираат на начините за контрола на популацијата на комарци, зголемување на надзорот и спроведување на мерки за лична заштита.

Во 2022 година, во ЕУ/ЕЕА биле пријавени 1133 човечки случаи и 92 смртни случаи од инфекција со вирусот на Западен Нил, од кои 1112 биле локално заразени во 11 земји, што е најголем број случаи од врвот на епидемијата во 2018 година.

Локално заразени случаи пријавиле Италија (723), Грција (286), Романија (47), Германија (16), Унгарија (14), Хрватска (8), Австрија (6), Франција (6), Шпанија (4), Словачка (1) и Бугарија (1).

Во 2022 година, имало 71 случај на локална инфекција со денга на копнениот дел на ЕУ/ЕЕА, што е еднакво на вкупниот број на случаи пријавени помеѓу 2010 и 2021 година.

Локално заразени со денга треска пријавиле Франција (65 случаи) и Шпанија (6 случаи).

Одржливите начини за контрола на популацијата на комарци вклучуваат отстранување на изворите на стоечка вода каде што се размножуваат комарците, користење еколошки ларвициди и промовирање на свеста на заедницата за контрола на комарците.

Мерките за лична заштита вклучуваат употреба на мрежи против комарци (по можност мрежи обработени со инсектициди) или спиење и одмор во затворени или климатизирани простории, користење на прозорски мрежии, носење облека што покрива поголем дел од телото и употреба на средства за заштита од комарци.

Подигање на свеста кај јавноста, здравствените работници и патниците за болестите што ги пренесуваат комарците, е исто така од суштинско значење.

Денга

Денгата е вирусна инфекција предизвикана од вирусот на денга, кој се пренесува на луѓето со каснување од заразени комарци.

Aedes aegypti Mosquito

Болеста се пренесува преку комарците Aedes (особено Aedes aegypti на глобално ниво и Aedes albopictus во Европа), кои се размножуваат во или околу човечките живеалишта.

Денгата е ендемична во повеќе од 100 земји во Африка, Америка, Јужна и Југоисточна Азија и регионот на Западен Пацифик. Инциденцата на денга драстично е зголемена во светот во последните децении.

Западнонилска треска

Culex Mosquito

Вирусот на Западен Нил се пренесува меѓу птиците преку каснувања на заразени комарци Culex и, патем, луѓето и другите цицачи (на пример, коњите) можат да се заразат. Околу 80 проценти од инфекциите со вирусот на Западен Нил кај луѓето се асимптоматски.

Западнонилската треска е најчеста клиничка слика и се карактеризира со ненадеен почеток на симптоми кои може да вклучуваат главоболка, малаксаност, треска, мијалгија, повраќање, осип, замор и болка во очите.

Постарите луѓе и лицата со ослабен имунитет се изложени на поголем ризик од развој на невроинвазивна болест на Западен Нил, која може да биде фатална. Не постои специфична профилакса или третман против болеста кај луѓето.

Забелешка: Преземањето на оваа содржина е дозволено само ако го наведете изворот со задолжително линкување на нашиот домен и оригиналната статија!

Доколку сакате да прочитате повеќе содржини како оваа, препорачуваме да го посетите нашиот портал www.kukuriku.com.mk, а со лајк на нашата фан страна станувате дел нашето многубројно членство facebook.com/Kukuriku.mk/.