Џокси со „Глуварчето од Дебар Маало“ ја освои публиката на музичко-поетска вечер

37

Акустична гитара, поезија и авторска музика ја исполнија вечерта во „Урбан залак“, каде Џина Паппас Џокси пред одбрана публика го претстави својот нов албум „Глуварчето од Дебар Маало“. Во интимна и топла атмосфера, песните добија нова димензија преку непосредната акустична изведба на авторот.

Во организација на „Урбан залак“, Џина Паппас Џокси приреди музичко-поетска вечер посветена на песната, стихот и авторската музика.

Пред публика составена од љубители на поезијата и музиката, Џокси со својата акустична гитара ги изведе песните од новиот албум „Глуварчето од Дебар Маало“, создавајќи атмосфера во која немаше дистанца меѓу авторот и публиката.

Без голема сценографија и сложена продукција, во фокусот беа песната, стихот и гласот на авторот. Токму оваа непосредност ѝ даде посебен печат на вечерта, која повеќе наликуваше на интимна средба со музиката и поезијата отколку на класичен концерт.

„Глуварчето од Дебар Маало“ ја продолжува авторската приказна на Џокси, низ песни во кои се препознаваат лични чувства, градски приказни и поетски слики, преточени во препознатлив акустичен израз.

Музичко-поетската вечер во „Урбан залак“ уште еднаш покажа дека за една добра песна понекогаш се потребни само искрен стих, акустична гитара и публика која знае да слуша.