Во битката на планината Грамос на околу 80.000 војници на грчката армија и’ се спротивставиле само 10.500 борци. Тогаш во воените операции авијација прв пат употребила американски напалм-бомби. Според британски процени, во ова битка ДАГ претрпела тешки загуби.
Тогаш загинале 2.500 партизани, 3.200 биле ранети, 416 заробени, а 635 се предале. Во битката на Грамос, се извршени најголемите херојски подвизи на борците на ДАГ и се запишани најсветлите станици на македонскиот и на грчкиот народ за слобода и независност.
Оваа офанзива зазема посебно место во ослободителните борби на македонскиот народ, затоа што таа главно се водеше на македонска почва и во неа на страната на ДАГ се бореле многу Македонци.
Грчката армија била речиси десетпати побројна и зад неа застанале Американците и Британците. Таа на крајот од војната броела 242.000 војници, а ДАГ, според британски процени, имала меѓу 20.000 и 30.000 војници. Покрај тоа, САД и’ испорачале на Грција 140 авиони, 3.890 топа и минофрлачи, 97.000 пушки и 10.000 возила и камиони. Со оружјето стасале и 250 американски офицери.
Британците вршеле обука и организирање на грчките вооружени сили, а Американците давале оперативни совети за воените операции и екипирањето на армијата. Наспроти тоа, ДАГ за време на Информбирото го загубила најдобриот сојузник – Југославија, која ја снабдувала со оружје и била база каде што се реорганзирала и ги префрлала ранетите.
Останува впечатокот дека особено трагични и сериозни биле последиците за Македонците. Како резултат на учество во Граѓанската војна, животот го загубиле 21.000 Македонци, додека повеќе од 50.000 ја доживеале судбината на прогонети, раселени и луѓе откорнати од сопствениот дом. Најтешките борби се воделе во областите каде што, главно, живееле Македонци.
Најилустративен пример за тоа е фактот што во 1951 година 46 македонски села ги снемало од пописните листи зашто биле целосно уништени. Тогаш на 15.000 Македонци им било одземено грчкото државјанство, а била извршена и конфискација на два милиона декари земја во македонски подрачја.