Дејан Шкартов со своите минерали | Полускапоцени камења за лек

110

Мала продавничка се наоѓа во срцето на македонскиот главен град каде се преработуваат камења пронајдени под површината на земјата.

Продавничката на Деко, во која тој ги прави првите чекори и за промоција на, како што вели, македонскиот рубин, посетителите веруваат во нивната позитивна енергија и лековитата моќ.

Зелениот жад го нарекуваат „камен на долговечноста“ и се верува оти лекува бубрежни заболувања, тиркизот оти штити од неагативни влијанија, аметистот го чува внатрешниот мир, горскиот кристал дека е камен на вистината, го победува стресот и го зајакнува дејството на сите останати камења, а розевиот кварц – камен на срцето и љубовта.

Дејан Шкартов

Во ова веруваат многумина скопјани кои влегуваат во малиот дуќан на Деко, или Дејан Шкартов.

Тој овде камчињата ги обработува од 2001-та, откако претходно цела деценија работел во Италија, како соработник на една од познатите италијански приватни збирки на минерали.

-„Нашата основна цел беше да претставиме какви се совршени геометриски форми и комбинации на бои и, да кажам, ремек дела постојат од авторот – природата.”

Овде има стотина разнобојни парчиња аметист, килибар, жад….Петар Блажевски, соработник на Дејан, вели дека сите тие имаат свое енергетско влијание и врз здравјето на луѓето:

-„Тие се едни стабилни осцилатори кои што ја имаат фреквенцијата која му треба на нашето тело. Значи, ние сме родени на оваа земја со се’ што ни треба да бидеме здрави. Кристалите се тие стабилни осцилатори кои ни ја враќаат фреквенцијата на едно одлично ниво.”

Еден млад студент по биологија кој со внимание го слушаше нашиот разговор уверува дека секое тело е специфичен извор на електромагнетно зрачење. Toj често доаѓа овде, на размена на знаења:

-„Секој бара некое парче оптимизам, среќа и сламка за која може да се фати, да се држи. Овде секогаш наоѓам парче оптимизам.”

Но, некои доаѓаат од попрактични причини. Така и оваа госпоѓа:

-„Сакам во дневната соба да поставам фонтана со камен и би сакала Деко да ми помогне во изборот на каменот и реализирање на идејата, замислата што ја имам.”

Меѓу различните прозирни, бели, тиркизни и црвени камења овде има и неколку нежно малино-розеви. Дејан веќе неколку години го промовира македонски рубин:

-„Македонскиот рубин има многу специфична и невообичаена розова боја, која е невообичаена во светски рамки. Гледаме дека тој сега засега не може да има висока цена, не може ни да се приближи кон цената на скапоцените рубини во светот, оние кои се увезуваат од Бурма и Шри Ланка, но, многу важно сознание ни е тоа дека во Европа нема лежиште на рубини.”

Одиме во работилницата на Деко, за која, тој вели дека е првата лабораторија за обработка на македонскиот рубин:

-„Сечењето е доста долго бидејќи се одвива по пат на абразија и неможете како кај металот или дрвото да притиснете повеќе за побрзо да се пресече мора да се прилагодите на цврстината на каменот”.

Цената му е околу 10 евра по карат, a за стотина евра може да се добие прилично голем десеткаратен камен.

-„Македонскиот рубин има одлично, многу моќно влијание на лекување на енергијата на срцето, значи на ’чакрата’ на срцето или на седиштето на нашето духовно битие. Во нашите презентации, на шега велиме, сега го имаме нашиот, македонскиот скапоцен камен, македонскиот рубин и сега никој ништо веќе не ни може.”

Но, дали во Македонија може да се живее од обработката на полу- скапоцените камења? Дејан филозофски одговара:

-„Никогаш не се молиме за бизниси, за дневен пазар, се молиме за доброто на светот, за да завладее во светот, а ние, мислам дека некако ќе преживееме”.

bbc.co.uk/macedonian