Дали Африка се дели ? Научниците предупредуваат: Можно е раѓање на нов океан

66

Подсахарска Африка би можела да се соочи со драматична геолошка трансформација во далечната иднина – процес што потенцијално би довел до создавање нов океан.

Научниците сè почесто предупредуваат дека раседот Кафуе, огромна пукнатина во Земјината кора што се протега околу 2.500 километри од Танзанија до Намибија, покажува знаци на активност.

Долги години геолозите сметаа дека овој расед е неактивен, но новите истражувања укажуваат на спротивното. Помали земјотреси, зголемени температури под површината и суптилни промени во релјефот, регистрирани преку сателити, сугерираат дека регионот можеби влегува во рана фаза на создавање нова тектонска граница.

Геохемиски докази од длабочините

Ново истражување објавено во списанието Frontiers in Earth Science носи дополнителни аргументи во прилог на оваа теорија.

„За првпат имаме геохемиски податоци од оваа област, а тие значително ја зајакнуваат идејата дека раседот е активен“, изјави Рута Каролите, која ја предводела студијата на Универзитетот во Оксфорд.

Тимот собирал примероци од термални извори и геотермални бунари во Замбија, над сомнителниот расед. Анализирани биле гасовите што излегуваат од топлата вода, особено односот помеѓу хелиум-3 и хелиум-4.

Според научниците, зголеменото присуство на хелиум-3 е важен показател дека флуиди од Земјината мантија продираат кон површината – процес што често е поврзан со активни геолошки раседи.

Иако истражувањето засега се базира на примероци од само шест локации, резултатите се оценуваат како значаен сигнал дека во регионот можеби се формира нова граница на тектонски плочи.

Процес што трае милиони години

Тектонските плочи постојано се движат, а нивното поместување ги создава земјотресите, вулканите и континенталните промени. Но, научниците предупредуваат дека ваквите процеси се исклучително бавни.

„Раседите често започнуваат, па запираат. Некои никогаш не стануваат целосни граници на плочи“, објаснува Каролите.

Африка веќе има еден добро познат активен систем – Источноафриканскиот расед, стар десетици милиони години и поврзан со силна сеизмичка и вулканска активност.

Според коавторот на студијата, професорот Мајк Дејли од Универзитетот во Оксфорд, развојот на раседот Кафуе би можел да трае меѓу неколку и дваесет милиони години.

„Во најраните фази би имало сè повеќе земјотреси и вулканска активност. Потоа би се формирале длабоки долини исполнети со вода, слични на денешните езера во Источна Африка. На крајот, можно е да се создаде и ново море“, вели Дејли.

Ретка можност за науката

Научниците велат дека раседот Кафуе претставува ретка шанса да се проучи самото „раѓање“ на нова тектонска граница.

„Зрелите граници на плочите лесно се препознаваат, но нивните почетоци се многу посуптилни“, објаснува професорката Естела Атеквана од Универзитетот во Калифорнија, која не учествувала во студијата.

Според неа, ако се потврди дека раседот Кафуе навистина е нова граница во формирање, научниците ќе можат да го следат процесот уште пред појавата на масивен вулканизам и големи деформации на површината.

Сличен став има и Фоларин Колаволе од Универзитетот Колумбија, кој оценува дека новите резултати претставуваат „силни докази“ за директно движење на флуиди од мантијата кон површината.

Можно економско значење за регионот

Освен научното значење, процесот би можел да донесе и економски придобивки за регионот.

Геотермалната енергија во Замбија би можела да стане важен извор на енергија, а научниците посочуваат и дека областа би можела да биде богата со хелиум – ресурс што е сè побаран во медицината и високата технологија.

Потребни се дополнителни истражувања

Сепак, научниците предупредуваат дека е прерано за конечни заклучоци. Потребни се повеќе примероци и пошироки истражувања долж целиот расед за да се утврди дали сигналите од мантијата се континуирани или локализирани.

„Ова не значи дека Африка ќе се распадне утре. Станува збор за процеси што траат милиони години“, нагласува Атеквана.

„Но, од научна перспектива, би можеле да бидеме сведоци на раѓањето на нова граница на тектонски плочи.“