Две европски репрезентации се соочуваат со проблеми со коронавирусот на само седум дена до почетокот на Светското првенство во Египет. Тоа отвора многу шпекулации за шансите на македонската репрезентација како прва резерва, во последен момент да влета на шампионатот.
Чешката ракометна репрезентија го одложи натпреварот од квалификациите за Европското првенство во Словачка и Унгарија против Фарски Острови, откако дури осум чешки ракометари се позитивни на ковид-19. Селекторскиот тандем Кубеш и Филип, исто така е позитивен и се чекаат нови тестови, повикувања на нови ракометари и одлуки за иднината на националниот тим.
Уште една селекција која е дел од групата Е на Светското првенство во Египет, шведскиот национален тим, целосно замина во карантин, заради еден позитивен случај во коронавирус.
Поради позитивниот тест на Антон Линског, сите репрезентативци и стручниот штаб заминаа во изолација, која треба да трае пет дена пред најавените нови тестови. Одложени се двата квалификациски натпревари против Црна Гора што требаше да се играат во Подгорица и Ескилстуна, на 6 и 10 јануари.
Од оваа гледна точка се испостави како правилна одлуката на Норвешката ракометна федерација, во евро-квалификациите да игра со Б репрезентацијата, а најдобрите ракометари да бидат изолирани пред Светското првенство.



















