Пандемијата COVID-19 значително ги погоди децата, покажа студијата на шведските научници.
Детските цртежи не се секој ден во фокус на научни статии, но деталните слики од болест, смрт и откажани активности се некои од вообичаените теми на детските цртежи за време на пандемијата COVID-19.
Во новото истражување, шведските научници од Универзитетот во Uppsala проучувале 91 цртеж на деца на возраст меѓу 4 и 6 години и откриле дека пандемијата COVID-19 значително ги погодува децата и дека децата имаат големо знаење за болеста.
Истражувањето целосно се базира на детски цртежи за време на пандемијата, а е објавено во научното списание Acta Paediatrica. Помеѓу април 2020 година и февруари 2021 година, научниците ги собрале сите цртежи направени од деца на возраст од 4 до 6 години и ги доставиле до Архивата за шведски детски цртежи.

Истражување беше многу забавно. Всушност, не бев сигурна дали медицинското списание ќе ја објави статијата, но тие ја објавија, вклучувајќи ги и детските цртежи и сè, објаснува Anna Sarkadi, професорка по социјална медицина и раководител на споменатата студија.
Користејќи метод на анализа што ги комбинира сопствените објаснувања на децата за нивните цртежи со визуелна анализа на цртежите, истражувачите можеле да покажат дека дури и помалите деца биле силно погодени од пандемијата. Децата цртале детални слики од болест, смрт и откажани активности.
Стравот, грижата и исчезнувањето на бабите и дедовците биле вообичаени теми на тие цртежи. Некои деца го опишале новиот коронавирус како чудовиште, додека други со цртежи опишале како да се заштитат од инфекција. Еден цртеж покажал две деца во борба со меч против џиновски вирус.

Цртежите честопати биле покриени со многу слуз од носот. На еден цртеж, едно дете напишало: „Повраќаш, потоа кашлаш, потоа се чувствуваш подобро или умираш“, и сето тоа со исклучително јасни илустрации, објаснува Maria Thell, докторант во истражувачкиот тим CHAP и еден од авторите на студијата.
Децата имаа и високо ниво на здравствена писменост поврзана со болеста COVID-19, односно познавање на карактеристиките на вирусот, како се шири и какви симптоми може да предизвика болеста.
Проектот на шведските научници е дел од истражувањето на детските гласови во јавниот простор за време на пандемијата.
Како научник со искуство во науката за деца и млади, би сакала дополнително да го развивам овој метод, додава Thell.
Шведските научници ќе го продолжат истражувањето на барање на Агенцијата за јавно здравје на Шведска, која ги задолжи сега да ги анализираат цртежите направени од деца на возраст меѓу 7 и 11 години за време или веднаш по пандемијата.



















