Откако ја прочитав оваа книга, се чувствував многу добро – исполнето, радосно и мотивирано. Одамна немам прочитано некоја трогателна книга. Јас би ја споредила со „апаурин“ затоа што на некој начин ме смири. Овој елегантен и онака јапонски „скромен“ роман …
Откако ја прочитав оваа книга, се чувствував многу добро – исполнето, радосно и мотивирано. Одамна немам прочитано некоја трогателна книга. Јас би ја споредила со „апаурин“ затоа што на некој начин ме смири. Овој елегантен и исто толку „скромен“ јапонски роман зборува за тоа како љубезноста и грижата за другите, како и заедничкиот живот на три лица од различна возраст можат да „создадат“ семејство од три осамени луѓе во модерна Јапонија. Има еден стар професор по математика, кој ја изгубил меморијата, триесетгодишна дарежлива жена која станува негова домаќинка и нејзиниот десетгодишен син кој сака јапонски тигри, а кој професорот го нарекол Корјенко (бидејќи темето му било рамно како математички знак за корен). Во директна проза, авторот нѝ покажува како овие три безимени ликови со навидум ништо заедничко, идилично се спојуваат.
Приказната ја раскажува домаќинка која од првиот ден чувствува огромно воодушевување од професорот кој претрпе сериозно оштетување на мозокот во дамнешна сообраќајна несреќа и оттогаш неговото сеќавање трае само осумдесет минути. Дали е тоа предност или недостаок за ликовите во овој роман, ќе дознаете читајќи. Огава, згора на тоа, беспрекорно ја поврзува теоријата на броеви, меѓучовечките односи и бејзболот во љубовна приказна која обезбедува прибежиште за математичкиот гение. Секој од нив има талент за разбирање и сочувство, секој од нив е истовремено ученик и учител, негувател и примател, а сето тоа ги прави посилни како индивидуално така и како новосоздадено „семејство“. Заедно тие ја отелотворуваат убавината на триаголните броеви. Со целото знаење за статистиката на бејзбол игрите, професорот за првпат оди на натпревар во бејзбол во важна сцена од оваа книга и на тој начин учи нешто за реалниот надворешен свет што не го доживеал подолго време поради сообраќајна несреќа.
Бидејќи заборавниот професор во оваа книга буди љубопитност за математиката, за тајната на броевите, за необичните равенки кај неговата домаќинка и нејзиниот син, така тој ја разбуди и во мене. Почнав да пресметувам, барам броеви на Google, да пишувам равенки и да истражувам математички тајни. Професорот многу ме потсети на татко ми. Тој исто така беше страствен математичар и инженер кој на петгодишна возраст ме учеше за Питагоровата теорема и на многу мистериозни равенки. Математиката е претставена во оваа книга и како разум и како поезија. Книгата сугерира дека математиката е основниот клуч за реалноста и вистината надвор од светот на сличности и разликите. Тој му дава на читателот едноставна филозофски приказ за животот. Тоа ја прави книгата привлечна и посебна. Значи, од мене одлична препорака за читање.
Јоко Огава е водечка јапонска писателка. Во раните 1980-ти, студирала литература и уметност на Универзитетот Васеда во Токио. По дипломирањето, таа се вратила во Окајама каде работеше на Медицинскиот факултет две години. Наскоро се омажила и започнала да пишува. За време на дваесет години занимавање со литература, објавила многу приказни, раскази, литературни и научни есеи и десетина романи, а денес е едно од најинтересните книжевни имиња во Јапонија. Добитник е на бројни книжевни награди.
Сакам да прочитам уште неколку нејзини литературни дела.
Интересно е и тоа што во 2006. година е снимен филм базиран на овој роман: „Дар во бројките“.



















