ЕВРОВИЗИЈА И МАКЕДОНИЈА

690

Пред неколку години јавно укажував дека Македонија губи многу со укинувањето на националниот избор за Евровизија и сведувањето на целиот процес на избор на еден изведувач зад затворени врати. Тогаш, наместо дебата и поддршка за идејата, следуваа бојкоти, игнорирање и оправдувања дека „нема пари“, дека МРТВ нема средства ниту за организација, ниту за продукција, па дури и за основни трошоци.

Но денес, по години отсуство, се поставува прашањето — дали конечно сме свесни што изгубивме?

Евровизија никогаш не била само песна или телевизиски настап. Таа е сцена на која државите го претставуваат својот идентитет, јазик, култура, музика и современа креативност пред милиони гледачи. За многу млади музичари, автори, продуценти и изведувачи, националниот избор беше ретка можност да создадат нешто големо, да добијат простор, публика и мотивација.

Со укинувањето на тој процес, не изгубивме само шоу-програма. Изгубивме континуитет, музичка сцена, медиумски интерес и чувство дека сме дел од една голема европска приказна. Изгубивме можност да создадеме хитови што ќе останат, нови имиња што ќе се изградат и моменти со кои ќе се гордееме.

Најтажно е што многу земји со помали буџети од нашиот успеваат да направат спектакл, затоа што ја разбираат вредноста на културата и музиката како национална инвестиција, а не како трошок.

Прашањето денес не е дали чинело многу. Прашањето е колку нè чинеше отсуството.

Џина Паппас Џокси

КОМЕНТАРИ

Karolina Durlo:

Со цела почит за твоето музичко знаење кое исклучително го ценам, но овојпат не можам во целост да се сложам со нотиранато во овој пост. Зошто⁉ Затоа што Евровизија одамна не е Фестивал на музичкиот квалитет, туку…страшна промоција на декаденцијата, сатанизмот и европската тотална извитоперност ????‼Можеби сум “закочена”, “проста”, “примитивна”, ама се’ поубедена сум дека на Македонија не и’ е местото во тоа “забегано друштво”. Особено што ќе се фрлат грдни пари, можеби и ќе се направи сосема солидна евровизиска песна, но на крајот “ловоринките” ги понесуваат токму оние кои најмногу се доближиле до лудоста, злото, вулгарноста и демонизмот…????‼
За мене лично, Евровизија (која не ја гледам со години) е обична #Глупотресовизија, своевидно “Демонско царство”….????????‼
Штета, огромна штета, не само за македонската музика, туку воопшто за светската музичка култура што спадна на ова “болесничко дереџе” ????????????‼

ПС. Одговор на Karolina Durlo за горе напишаниот текст:

Со целосна почит кон твоето мислење, но токму тука мислам дека најмногу грешиме како држава – кога се повлекуваме и се откажуваме од сцени каде што можеме да ја покажеме сопствената вредност.

Да, Евровизија денес има многу работи што и мене лично не ми се допаѓаат. Има претерувања, провокации и моменти со кои многумина не можат да се идентификуваат. Но дали решението е Македонија да исчезне од мапата? Јас мислам – не.

Напротив. Токму со наш настап, со македонска песна, емоција, култура и достоинство, можеме да покажеме дека постои и поинаква перцепција за музиката, животот и вредностите. Ако Европа оди во погрешен правец – тогаш уште повеќе треба да се слушне нешто автентично, човечко и искрено.

Дополнително, често забораваме дека со неорганизирањето на национален избор губиме многу повеќе од едно телевизиско шоу. Губиме околу 40 нови песни годишно сместени во две изборни вечери. Тоа значи работа за композитори, текстописци, аранжери, продуценти, студија, музичари, режисери, сценографи, костимографи и цела една музичка индустрија што кај нас едвај преживува.

Евровизија не е само натпревар. Тоа е огромна бесплатна реклама за државата. Милиони луѓе слушаат македонски јазик, гледаат македонски уметници и слушаат дека постоиме. Малите држави токму преку вакви сцени градат културен идентитет.

А ако победуваат ексцентрични настапи – тоа не значи дека треба да се откажеме. Напротив. Треба уште погласно да покажеме кои сме ние.

Затоа што кога ние молчиме, други ја раскажуваат приказната за Европа без нас.

Мирјана Василевска:

Џокси, убаво што го отвори ова прашање, можеби и несакaјќи отвори дебата. Мислам дека не е сè црно. Очигледно е дека годинава како да се случи нешто од концептот „во култура“. Барем имаше 5 сонгови добро осмислени и прифатливи, што е најава за тоа дека и Женева, која со ЕБУ го организира овој спектакл, треба да ги менува правилата. Во време на нова технологија, се менува сè.

Колку што знам, бидејќи работев со Женева ЕБУ, каде што и МРТ е членка од 1979 г., и тоа во делот на вестите и ЕБУ-размената, слободно можам да го пренесам моето искуство. А тоа е дека организациски секој јавен сервис мора да има меѓународна редакција за соработка, потоа EVN DESK за размена на информации секојдневно. МРТ го нема тоа, за жал.

Колку повеќе има состаноци со ЕБУ од сите области – документаристика, спорт, работа на радијата – каде што се креира ЕБУ-политиката, толку повеќе си на листата за котизација, бодување за активност на секоја членка и т.н. БГТ има одличен ЕБУ-сервис, РТС, ХРТ, РТСЛО и другите јавни сервиси, а да не зборувам за јавните сервиси во ЕУ. Сè зависи и од менаџментот и одлуките.

Можеби е моментално така, но ЕБУ-сонгот и натаму го држат како одличен проект, со иновации, и тој ќе остане.

Ќе завршам со коментарот на Тончи Хулиќ, кој 4 пати беше претставник: „Сè има на Евровизија, само нема песна“. А уште еден коментар од Цигановиќ – добро е што победи Дара, оти знае да пее и понуди рок-поп со традиција, отколку оние пејачи со оперско надвикување.

Има и мислења дека доколку победеше Данска, тука имало политика и вмешаност на израелските служби, тогаш можеби догодина Израел и немаше да учествува, за да се вратат старите членки – Шпанија, Холандија, Словенија и Ирска.

Но, како и да е, според мене, како што вели Тања Гоговска, сè е до организација, а не толку до песната…

ЕТЕ ТОЛКУ. ОВА ПРАШАЊЕ ТРЕБАШЕ ДА ГО ОТВОРИ МРТ, МАКАР И ДА ПОТСЕТИ НА РЕТРОСПЕКТИВАТА НА УЧЕСТВОТО НА ЈРТ, која беше единствена социјалистичка земја што уште од 1961 учествуваше со Љиљана Петровиќ, Лола Новаковиќ, па Вице Вуков, Тереза, Корни Група, па сè до 1989 кога победи група Рива.

А по осамостојувањето, да се потсетиме на учествата на Владо, Калиопи, Каролина, Есма, Тоше и другите. Зарем не би било убаво…

Позз.