НЕОФИЦИЈАЛЕН ВОДИЧ ЗА ДАМИ – СПОРЕД ВИОЛЕТА С. МАРСОЛ

3148

Ви посакувам дамата да стане дел од вашиот карактер од кој не ќе можете никогаш да се ослободите.

Виолета С. Марсол

1. Драги мои дами, иако живееме во 21-виот век, светот се уште им припаѓа на мажите. Затоа, дискриминацијата е неизбежен дел од вашиот секојдневен живот. Не очекувајте тоа да се промени, но бидете подготвени дека најмногу проблеми ќе имате поради жените и нивната несолидарност.

2. Што и да правите, не барајте дозвола за тоа. Вие сте возрасни жени.

3. Работете двојно повеќе од мажите, но не очекувајте дека вашиот труд ќе се вреднува исто. Така ќе се поштедите од разочарувања.

4. Кога ќе запознавате нови личности, секогаш имајте на ум дека дамата е таа која прва треба да ја подаде својата рака на
Г-динот и постарите на помладите. Спротивното однесување е знак на непочитување.

5. Ако сте во друштво на пријателка и таа поздрави некого на улица, тоа треба да го направите и вие.

6. Кога влегувате во соба полна со луѓе, вие сте првата што треба да ги поздрави, без разлика на нивниот пол и возраст.

7. Ако извршувате некаква повисока функција, но млада сте по години, не треба да очекувате дека другите имаат обврска први да ве поздрават.

8. На комплиментот се одговара со „Благодарам“ или се возвраќа со комплимент.

9. На состаноци секогаш доаѓајте на време. Тоа е знак на почит кон другите и кон себеси.

10. Добро е да бидете духовита. Но, никогаш не смеете да им се потсмевате на луѓето. Ако веќе не можете да се воздржите од тоа, најдобро е да правите шеги на своја сметка.

11. Ако некој кивне во просторијата, не е показател за добро воспитание да му речете: „На здравје!“. Напротив. Така само ќе го свртите вниманието на другите кон таа личност и ќе направите таа да се чувствува уште понепријатно.

12. Поздравувајте ги сите соседи кои живеат во вашата зграда или улица. Една насмевка и „Добар ден“ нема да ве чинат ништо, освен што ќе ви го разубават денот и вам и на другите.

13. Постарите секогаш треба да ги персирате, освен ако тие се изјаснат поинаку.

14. Не им упаѓајте на луѓето во збор. Сослушајте ги, а потоа одговорете им.

15. Вистинската дама никогаш нема да фрли отпадоци на улица. Затоа, сите работи што треба да ги фрлите ставете ги во чанта до првата канта за ѓубре.

16. Кога пишувате пораки не е пожелно сите букви да се големи, бидејќи тоа другата страна ќе го доживее како викање.

17. Вистинската дама знае да каже „Извини“, кога ќе згреши.

18. Секогаш бидете облечени во склад со пригодата. Имајте на ум дека стилот е начин да им кажете на другите кои сте без да изговорите ниту еден збор.

19. Вашата облека треба да биде доволно тесна, за да покаже дека сте жена и доволно широка, за да покаже дека сте дама.

20. Ненападната шминка е знак на добар вкус.

21. Изберете или деколте или мини здолниште. Двете работи во исто време на исто тело изгледаат евтино и вулгарно.

22. Долгата и негувана коса е знак на женственоста. Но, премногу долга коса на ниска жена делува гротескно. А, искубаните екстензии и изгорената коса порачуваат: „Јас сум вештачка и немам вкус.“

23. Обетки, да. Но, ако имате премногу пирсови ќе изгледате како панкер. Дали ќе го сакате тоа и како повозрасни и ако извршувате некоја повисока функција?

24. Веѓите треба да бидат обликувани, но никако избричени и нацртани. Иако сте ремек дело на природата не смеете да личите на маќеата на Снежана со седумте џуџиња.

25. Очите во комбинација со убавите нозе се добитна комбинација за секоја жена. Затоа, очите треба да бидат нашминкани, но не смеете да претерувате со маскарата и вештачките трепки. Во спротивно ќе изгледате како ној.

26. Устата сметајте ја како сликарско платно. Но, прво поправете ги забите, бидејќи дури и платно на Леонардо да Винчи ќе изгледа грдо на разурнат ѕид. Потоа, не заборавајте дека ниеден сликар не става боја надвор од границите на платното, нели? Додека премногу напумпаните усни ќе направат да личите на кукла на дување што некои мажи ја користат за секс. Такви ли мажи сакате да привлечете во својот живот?

27. Убаво обликуваните раце и надлактици придонесуваат да изгледате здраво и негувано. Но, премногу набилданите раце воопшто не изгледаат женствено.

28. Градите се синоним за женственоста. Но, извадени на послужавник делуваат евтино и дегутантно.

29. Убавата и секогаш чиста долна облека е императив. Таа ќе направи секогаш да се чувствувате секси. Плус не знаете кога ќе посакате, или ќе треба, да се соблечете пред некого.

30. Високите потпетици се тајното оружје на секоја дама. Но, топуците во кои се движите како на штаки и излижаните краеви на потпетиците се знак за немарност и невкус.

31. И конечно, вистинската дама не се препознава по скапата облека и беспрекорната шминка, туку по тоа како кон неа се однесуваат мажите.

violeta.spasenovska.marsol