„ЧЕКОР ПО ЧЕКОР – БИБЛИОТЕКА ЗА СИТЕ“ ! Инклузивна работилница за еднакви можности и самостојност

74

По повод 15 Октомври – Меѓународниот ден на белиот стап, ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје, во соработка со ДУРДМОВ „Димитар Влахов“, организира инклузивна едукативно-креативна работилница под наслов „ЧЕКОР ПО ЧЕКОР – БИБЛИОТЕКА ЗА СИТЕ“.

Настанот е посветен на подигнувањето на свеста за правата, самостојноста и мобилноста на слепите лица и лицата со оштетен вид, како и на значењето на пристапноста, емпатијата и меѓусебното разбирање.

Преку дружење, учење и креативни активности, децата ќе имаат можност да го истражуваат светот преку различните сетила и да се запознаат со предизвиците, но и со можностите за самостојно и безбедно движење.

Во работилницата ќе учествуваат деца од ДУРДМОВ „Димитар Влахов“ и од ОУ „Коле Неделковски“. Преку внимателно осмислени активности, приспособени на нивните потреби и можности, учесниците ќе ги користат допирот, слухот, говорот, тактилните материјали и сопствената имагинација за да откријат како различните сетила ни помагаат да го доживееме светот околу нас.

Книгата како мост кон еднаквите можности

Посебно место во програмата ќе имаат книгата и читањето. Ќе бидат прочитани извадоци од книги отпечатени на Брајово писмо, кои се дел од фондот на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“.

Книгите се донација од Град Скопје и претставуваат значаен придонес кон збогатувањето на библиотечниот фонд со содржини достапни за лицата со оштетен вид, како и кон унапредувањето на инклузивноста во културата и образованието.

Со оваа иницијатива, библиотеката уште еднаш ја потврдува својата улога како простор за знаење, култура и поврзување, во кој секое дете треба да има можност да учествува, да учи и слободно да го изразува својот свет.

„Чекор по чекор – библиотека за сите“ испраќа порака дека прифаќањето на различностите и создавањето еднакви можности почнуваат уште од најрана возраст.

Зашто светот не го доживуваме сите на ист начин, но секој заслужува да чекори низ него самостојно, безбедно и со достоинство.

Информации за настанот

  • Датум: 15 октомври 2026 година
  • Време: 12:00 часот
  • Место: Хол на ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје
  • Организатори: ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје и ДУРДМОВ „Димитар Влахов“