ТОПЛОТЕН БРАН ЈА ЗАФАЌА МАКЕДОНИЈА ! ИЈЗ со апел – не излегувајте на сонце од 11 до 17 часот

70

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) ги предупреди граѓаните да бидат особено внимателни во наредните денови, откако Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) најави екстремно високи температури кои ќе траат од продолжениот викенд до 7 август.

Здравствените власти препорачуваат избегнување на директно изложување на сонце во периодот од 11 до 17 часот, престој во разладени простории и внесување доволно течности за да се намали ризикот од топлотен стрес.

Како жештините влијаат врз организмот?

Кога температурата на воздухот се приближува или ја надминува нормалната телесна температура (околу 36,7°C), организмот сè потешко се разладува. Ако истовремено влажноста на воздухот е висока, испарувањето на потта се намалува, а телото уште потешко ја регулира својата температура.

Последиците можат да бидат сериозни – од слабост, сува уста, вртоглавица и гадење, до прекумерно потење, грчеви и дехидратација.

Во потешките случаи може да се појават престанок на потење, екстремно жешка и сува кожа, конфузија, забрзана работа на срцето, отежнато дишење, губење на свеста, па дури и животозагрозувачка состојба.

Кои се најранливи?

ИЈЗ предупредува дека најголем ризик имаат:

  • лица постари од 60 години;
  • мали деца и бремени жени;
  • лица кои работат на отворено;
  • социјално ранливи категории;
  • хронично болни лица.

Особено внимателни треба да бидат пациентите со кардиоваскуларни, белодробни и бубрежни заболувања, дијабетес, невролошки и психијатриски заболувања, дебелина, како и лицата кои примаат терапија со диуретици и други лекови што можат да влијаат врз регулацијата на телесната температура.

Најважни препораки за заштита

ИЈЗ препорачува:

  • избегнувајте престој на сонце од 11 до 17 часот;
  • носете лесна и светла облека, капа и очила за сонце;
  • престојувајте во климатизирани или разладени простории;
  • доколку мора да бидете надвор, правете чести паузи во сенка;
  • затворајте ги прозорците и ролетните преку ден, а проветрувајте навечер;
  • јадете полесна храна и избегнувајте масни и висококалорични оброци;
  • пијте вода во текот на целиот ден, без да чекате да ожедните;
  • избегнувајте алкохол, кофеин и премногу ладни пијалаци;
  • туширајте се со млака вода и користете ладни облоги за разладување.

Посебен апел е упатен до возачите никогаш да не оставаат деца, стари лица или домашни миленици во паркирано возило, бидејќи температурата во затворен автомобил за кратко време достигнува опасно високи вредности.

Што ако почувствувате симптоми?

Доколку почувствувате вртоглавица, слабост, силна жед или главоболка, веднаш преместете се во поладен простор, напијте се вода и одморете.

Ако лицето има жешка и сува кожа, конфузија, грчеви или е без свест, веднаш јавете се на 194 или 112. До пристигнувањето на Итната медицинска помош, префрлете го на ладно место, отстранете ја вишокот облека и разладувајте го со ладни облоги на вратот, пазувите и препоните.

Апел од ИЈЗ

Институтот за јавно здравје ги повикува граѓаните сериозно да ги почитуваат препораките за заштита од топлотниот бран, а особено да се грижат за најранливите членови на семејството – постарите лица, децата и хронично болните.

Според најавите на УХМР, екстремно високите температури ќе се задржат во наредните денови, поради што се препорачува максимална претпазливост и ограничување на престојот на отворено во најтоплиот дел од денот.