Пробив во лекувањето на рак на панкреас ! Експериментална таблета им го продолжила животот на пациентите

109

Експериментален лек против рак на панкреас покажал резултати што научниците ги нарекуваат историски пробив во борбата против една од најсмртоносните форми на рак.

Новата таблета, наречена daraksonrasib, во клинички испитувања им овозможила на пациентите да живеат значително подолго во споредба со стандардната хемотерапија, отворајќи нова надеж за болест која со децении важеше за речиси „неизлечива“.

Научниците конечно ја пронашле слабата точка

Ракот на панкреас има исклучително лоша прогноза – само околу 13 проценти од пациентите преживуваат повеќе од пет години по дијагнозата.

Уште во 1980-тите, научниците откриле дека клучна улога во развојот на болеста има мутираниот протеин KRAS, кој го поттикнува растот и ширењето на туморите.

Но, проблемот бил што KRAS долго време се сметал за „недопирлива“ цел за лекување. Истражувачите го опишувале како мазна топка без место каде што лек би можел да се „закачи“.

Токму затоа со години владееше уверувањето дека овој протеин не може успешно да се блокира.

Резултати што го менуваат досегашното знаење

Во април, биотехнолошката компанија Revolution Medicines објави дека нејзиниот експериментален лек постигнал неочекувано добри резултати.

Пациентите третирани со daraksonrasib живееле во просек околу 13 месеци – речиси двојно подолго од пациентите кои примале стандардна терапија.

Целосните резултати ќе бидат претставени на состанокот на Американското здружение за клиничка онкологија во Чикаго, а американските регулатори веќе одобриле проширен пристап до лекот додека продолжува процесот за официјално одобрување.

Онкологот Ајлин О’Рајли од Memorial Sloan Kettering Cancer Center изјави дека ова може да биде „почеток на голем бран промени“ во третманот на болеста.

Децении работа за „невозможна“ цел

Пробивот не дошол преку ноќ.

Научниците со години безуспешно се обидувале да развијат лек што ќе го блокира KRAS.

Хемискиот биолог Кеван Шокат од University of California San Diego уште во 2008 година започнал истражувања за пронаоѓање начин како лековите да се врзат за овој протеин.

Во 2013 година неговиот тим успеал да открие мал „џеб“ на KRAS, што претставувало прв голем чекор напред.

Во меѓувреме, други научници развивале сосема поинаков пристап – таканаречен „молекуларен лепак“, кој му помага на лекот да се врзе за тешко достапниот протеин.

Токму оваа стратегија сега покажува ветувачки резултати.

„Ова е вест што ја чекавме многу долго време“, изјави Тајлер Џекс од Институтот за истражување на ракот при MIT.

Приказна што дава надеж

Меѓу пациентите кои учествувале во клиничкото испитување била и Алисон Лак, професорка по уметност и мајка на две деца, кај која во 2022 година бил дијагностициран рак на панкреас во четврта фаза.

По бројни циклуси хемотерапија, таа се вклучила во тестирањето на новиот лек.

Според нејзиниот сопруг Мајкл Шафрир, таблетата ѝ овозможила речиси една година живот со многу подобар квалитет.

„Повторно можеше да се смее, да функционира и да живее нормално“, изјавил тој.

Алисон починала во јуни 2025 година, но нејзиното семејство верува дека нејзиното учество во истражувањето ќе помогне на илјадници пациенти во иднина.

Ова е само почеток

Научниците сега се обидуваат да откријат зошто лекот по одредено време престанува да делува и како дополнително да се намалат несаканите ефекти.

Постојат очекувања дека резултатите би можеле да бидат уште подобри ако лекот се користи како прва терапија веднаш по дијагнозата.

Онкологот Марк О’Хара од Penn Medicine вели дека новиот пристап носи голем оптимизам.

„Имаме лек во форма на апче со контролирани несакани ефекти, а пациентите живеат значително подолго. Тоа им овозможува да имаат поквалитетен живот, наместо постојано да бидат врзани за хемотерапија“, изјави тој.

Иако патот до целосно ефикасен лек е сè уште долг, научниците сметаат дека ова е еден од најважните напредоци во третманот на рак на панкреас во последните децении.