ЕВРОВИЗИЈА И МАКЕДОНИЈА

115

Пред неколку години јавно укажував дека Македонија губи многу со укинувањето на националниот избор за Евровизија и сведувањето на целиот процес на избор на еден изведувач зад затворени врати. Тогаш, наместо дебата и поддршка за идејата, следуваа бојкоти, игнорирање и оправдувања дека „нема пари“, дека МРТВ нема средства ниту за организација, ниту за продукција, па дури и за основни трошоци.

Но денес, по години отсуство, се поставува прашањето — дали конечно сме свесни што изгубивме?

Евровизија никогаш не била само песна или телевизиски настап. Таа е сцена на која државите го претставуваат својот идентитет, јазик, култура, музика и современа креативност пред милиони гледачи. За многу млади музичари, автори, продуценти и изведувачи, националниот избор беше ретка можност да создадат нешто големо, да добијат простор, публика и мотивација.

Со укинувањето на тој процес, не изгубивме само шоу-програма. Изгубивме континуитет, музичка сцена, медиумски интерес и чувство дека сме дел од една голема европска приказна. Изгубивме можност да создадеме хитови што ќе останат, нови имиња што ќе се изградат и моменти со кои ќе се гордееме.

Најтажно е што многу земји со помали буџети од нашиот успеваат да направат спектакл, затоа што ја разбираат вредноста на културата и музиката како национална инвестиција, а не како трошок.

Прашањето денес не е дали чинело многу. Прашањето е колку нè чинеше отсуството.

Џина Паппас Џокси