Германците тестираа „екстра девствено“ маслиново масло ! Само две добија врвна оценка

83

Големо тестирање на 30 маслинови масла означени како „екстра девствено“, спроведено од германското списание Öko-Test, покажа дека ознаката на шишето не секогаш гарантира врвен квалитет.

Во анализата биле опфатени и конвенционални и органски производи, а резултатите откриле низа проблеми – од непријатен вкус и мирис, до присуство на пестициди, минерални масла и хемикалии од пластика.

Само две масла добија оцена „многу добро“

Најдобри резултати постигнале:

  • екстра девственото маслиново масло Rapunzel од Италија
  • органското маслиново масло на Aldi

Особено внимание привлекло маслото на Aldi, кое експертите го издвоиле како производ со одличен однос меѓу цена и квалитет.

Маслото K-Classic од Kaufland добило оцена „добро“, но анализата покажала траги од два пестицида.

Од друга страна, дури седум масла не ги исполниле критериумите за ознаката „екстра девствено“ и биле оценети како „недоволни“.

Дополнително изненадување било тоа што меѓу најлошо оценетите имало дури шест органски производи.

Непријатен вкус и мирис откриле сериозни недостатоци

Кај дел од анализираните масла, експертите откриле сериозни проблеми во аромата и вкусот.

Некои примероци имале расипан мирис, додека кај други бил забележан таканаречен „каллив“ вкус – карактеристичен знак дека маслинките почнале да ферментираат пред обработката.

Според експертите, ваквите недостатоци најчесто укажуваат на проблеми при складирањето, транспортот или преработката на маслинките.

Пестициди пронајдени во речиси сите масла

Тестирањето покажало дека остатоци од пестициди има во речиси сите конвенционални масла, но и во дел од органските производи.

Најлош резултат имало маслото Беласан од Aldi, во кое биле откриени шест различни пестициди.

Особено загрижувачко било присуството на фунгицидите дифеноконазол и тебуконазол, супстанции за кои постојат сомневања дека можат да бидат поврзани со канцерогени ефекти и нарушувања на репродуктивното здравје.

Минерални масла откриени во сите примероци

Еден од најзагрижувачките наоди е фактот што траги од минерални масла биле пронајдени во сите 30 тестирани производи.

Експертите објаснуваат дека овие соединенија можат да навлезат во маслото за време на производството, преработката или транспортот.

Одредени видови минерални масла се сметаат за потенцијално штетни за ДНК и можни канцерогени материи.

Во дел од органските масла откриени и хемикалии од пластика

Дополнителен проблем бил откриен кај пет органски масла, во кои бил пронајден дибутил фталат (DBP) – хемикалија што се користи во пластичната индустрија.

Станува збор за соединение што може да дејствува како хормон и потенцијално негативно да влијае врз плодноста.

Иако DBP е забранет во Европската Унија во материјали што доаѓаат во контакт со јастиви масла, експертите предупредуваат дека може да навлезе во производот преку цевки, заптивки или индустриска опрема.

Како правилно да се чува маслиновото масло?

По објавувањето на резултатите, експертите споделија и препораки за купувачите.

Тие советуваат маслиновото масло да се купува на почетокот на годината, кога на пазарот пристигнуваат свежите масла од новата берба.

За правилно чување, препорачливо е:

  • маслото да се држи на темно место
  • шишето да биде добро затворено
  • температурата да биде под 15 степени Целзиусови

Сепак, не се препорачува чување во фрижидер, бидејќи ниските температури можат негативно да влијаат на аромата и квалитетот на маслиновото масло.