Астрономите ја решаваат мистеријата на „Сауроновото око“, а одговорот е изненадувачки едноставен

2347

На астрономите им било потребно 15 години нови набљудувања за да откријат зошто една галаксија во универзумот сјае толку светло кон нас.

Во последните пет децении, галаксијата PKS 1424+240 ги збунува астрономите. Оваа галаксија, класифицирана како блазар, сјае со исклучителен интензитет бидејќи еден од нејзините млазови плазма е насочен директно кон Земјата. Сепак, иако се чинело дека емитува гама зраци со брзини блиски до брзината на светлината, мерењата покажале дека нејзините млазови се движат премногу бавно за да го објаснат сјајот.

За да ја решат оваа загатка, тим предводен од Jurij Kovalev од германскиот институт за радиоастрономија „Max Planck“ ја користел мрежата на опсерватории Very Long Baseline Array. 15 години ја следеле поларизацијата на светлината од споменатите плазма млазови, што го откри влијанието на магнетните полиња. Нивната работа ја создаде првата детална магнетна мапа на млазот на галаксијата PKS 1424+240, а е објавена во списанието Astronomy & Astrophysics.

Зошто „Окото на Саурон“?

Кога ја реконструиравме сликата, таа изгледаше апсолутно зачудувачки.

„Никогаш не сме виделе нешто слично – речиси совршено тороидно магнетно поле со млаз насочен директно кон нас“, рече Kovalev.

Но тоа не е сè, бидејќи добиената слика неодоливо ги потсетила научниците на Окото на Саурон од популарната трилогија „Господарот на прстените“ од J.R.R. Tolkien.

Kovalev и неговите колеги експлицитно наведуваат дека ја нарекуваат сликата „Окото на Саурон“, бидејќи нејзината природа е впечатлива и потсетува на приказот на главниот негативец во „Господарот на прстените“ од илустраторот Alan Lee.

Магнетни прстени и оптички илузии

Мапата прикажува магнетни полиња обвиткани во концентрични прстени, речиси како оние на мета. Оваа ориентација, насочена директно кон Земјата, ја објаснува мистеријата. Бавноста на млазот е само илузија, а впечатокот се јавува затоа што го гледаме речиси точно директно, што создава илузија на проекција.

Ова усогласување предизвикува зголемување на осветленоста за фактор 30 или повеќе. Во исто време, млазот изгледа бавен поради ефектите на проекција, што е класична оптичка илузија, објасни астрономот Jack Livingston, исто така од Институтот Max Planck.

Постојат и пошироки импликации што ги нагласува Kovalev.

Решавањето на оваа загатка потврдува дека активните галактички јадра со супермасивни црни дупки не се само моќни забрзувачи на електрони, туку и на протони, изворот на набљудуваните неутрина со висока енергија, рече тој на крајот.

Извор: Science Alert