Тајната состојка за поправка на забите е во – косата?

2399

Едноставен третман би можел да помогне во обновувањето на забната глеѓ и лекувањето на кариесот и чувствителноста на забите.

Во последниве години, научниците ширум светот развиле цела низа методи за да се обидат да ја поправат забната глеѓ и на тој начин да го спречат развојот на кариес или дури и да го поттикнат телото да изгради нов заб.

Тим научници од King’s College во Лондон открил дека протеинот, кој сите го имаме во косата и кожата, може да има позитивен ефект врз здравјето на забната глеѓ, па дури и да ги запре раните фази на расипување.

Тоа е кератин, кој може да ја имитира структурата и функцијата на природната глеѓ кога ќе дојде во контакт со минералите во плунката.

Како што навеле во нивната студија објавена во списанието „Advanced Healthcare Materials“, пастите за заби со флуор моментално се користат во светот за да се забави распаѓањето на забната глеѓ. Но, тие откриле дека третманите базирани на кератин би можеле целосно да го запрат овој процес на распаѓање.

За да го создадат кератинот потребен за спроведување на истражувањето, тие го извлекле од овча волна. Потоа кератинот е нанесен на површината на забите. Тие откриле дека кога кератинот ќе дојде во контакт со минерали кои се природно присутни во плунката, се формира високо организиран кристален скелет, кој ја имитира функцијата и структурата на природната глеѓ. Така, го штити забот, ги затвора изложените нервни канали и ја намалува чувствителноста на забите и носи олеснување.

Но, кератинот не запира тука. Со текот на времето, овој скелет продолжува да привлекува јони на калциум и фосфат, што доведува до раст на заштитниот слој.

Кератинот нуди трансформативна алтернатива на сегашните стоматолошки третмани. Не само што е одржливо добиен од биолошки отпадни материјали како што се косата и кожата, туку ја елиминира и потребата од традиционални пластични смоли, често користени во реставративната стоматологија, кои се токсични и помалку издржливи. Кератинот исто така изгледа многу поприродно од овие третмани, бидејќи може поблиску да се совпадне со бојата на оригиналниот заб, изјави првиот автор на студијата, докторка на науки Sara Gamea.

Тимот веќе истражува како да го изведат третманот со кератин од лабораторија и да го достави до пошироката јавност. Во соопштението за медиумите, како една од можностите, тие споменале паста за заби (за дневна нега) или во форма на специјален гел што би се нанесувал на забот за поцелна поправка.