Нанопластиките се лепат за токсични бактерии, формирајќи смртоносна комбинација

451
Нанопластиките (црвени стрелки) се врзуваат за E. coli

Микропластиката и нанопластиката сами по себе се веќе штетни не само за животната средина, туку и за здравјето на луѓето.

Нанопластичните честички, помали од еден микрометар, предизвикуваат растечка загриженост за нивните потенцијални штетни ефекти врз здравјето на луѓето и животната средина. Истражувањето објавено во „Journal of Nanobiotechnology“ покажа дека овие честички можат да го променат однесувањето на Escherichia coli, позната причина за труење со храна, и да ја направат уште поопасна.

Научници од американскиот Универзитет во Илиноис, предводени од молекуларниот микробиолог Пратик Банерџи, создадле нанопластика од полистирен и ја наполниле со позитивен, негативен или неутрален полнеж, пред да ја изложат на бактериите E. coli. Тие се фокусирале на влијанието на површинскиот полнеж на пластиката врз бактериските реакции.

Почнавме со површински полнеж. Пластиката има огромен капацитет да апсорбира хемикалии. Секоја хемикалија различно влијае на површинскиот полнеж, во зависност од количината на адсорбирана хемикалија и видот на пластика, објасни Банерџи.

Јасен ефект врз E. coli

Позитивно наелектризираните честички предизвикале најсилен физиолошки стрес кај бактериите. Иако преживувањето на E. coli не е значително засегнато, било забележано зголемено производство на токсин сличен на шига токсинот, кој е главна причина за човечки болести.

„Во овој труд не го разгледавме влијанието на самите хемикалии, тоа е предмет на нашата следна студија, но ова е првиот чекор во разбирањето како површинскиот полнеж на пластиката влијае на одговорот на патогената E. coli“, рече Банерџи.

Бактериите E. coli се тестирани и во форма на биофилм, односно леплива заедница што често ја формираат на површините. Дури и во оваа форма, присуството на позитивно наелектризирани нанопластики предизвикува стрес и зголемено лачење на споменатиот токсин. Исто така, се пријавени промени во експресијата на гените поврзани со вирулентноста, под влијание на позитивен и негативен полнеж.

“Биофилмот е многу цврста бактериска структура и е тешко да се отстрани. Претставува голем проблем во медицината, каде што се формира на вметнати уреди како што се катетери или импланти, како и во прехранбената индустрија. Една од нашите цели е да откриеме што се случува кога овој човечки патоген, кој често се пренесува преку храна, ќе дојде во контакт со нанопластика од перспектива на биофилм“, истакна Банерџи.

Идни истражувања

Резултатите укажуваат на загрижувачка врска помеѓу загадувањето на животната средина и јавното здравје, што бара понатамошни истражувања за тоа како нанопластиката може да влијае на однесувањето на други патогени бактерии кај луѓето.

Извор: Science Alert