Внимавајте да не ги направите овие грешки во брак

324

Бракот претставува овековечување на љубов и иако се смета за најубавата работа којашто може да и се случи на една жена, бракот понекогаш е најголемата причина за несреќен живот.

Понекогаш кога сме во брак имаме преголеми очекувања од нашиот партнер или пак си замислуваме работи кои никогаш нема да се случат, па затоа завршуваме разочарани и депресивни.

Постојат одредени грешки коишто секоја жена која е во брак често ги прави, затоа трудете се да ги избегнувате и запомнете дека доколку сакате да го подобрите бракот, најпрвин треба да започнете од себе!

Бракот го ставате на второ место

Животот знае да стане навистина комплициран, особено кога имате премногу обврски на работа, стари родители за коишто мора да се грижите, мали деца на кои мора да им посветувате огромно внимание, голем број на пријатели со кои често се гледате, обврски кон домот, плаќање на големи сметки и слично. Сите овие работи предизвикуваат да заборавите на вашиот партнер и бракот да ви биде последен на ум. Љубовта мора постојано да се обновува без разлика на другите проблеми кои ги имате. Не дозволувајте бракот да ви стане навика.

Секако дека вие заедно појадувате, ручате, спиете, гледате телевизија, но во меѓувреме размислувате на сите други проблеми наместо да се посветите еден на друг со вашиот партнер. Не дозволувајте да станете странци. Запомнете дека бракот треба секогаш да биде на првото место и грижете се за вашата љубов. Не ја истурајте нервозата на вашиот партнер туку зборувајте со него за тоа што ви се случува. Исто така физичкиот однос е многу важен. Не дозволувајте да се намали сексот поради другите обврски и проблеми. Бракот претставува пријателство, љубов, смеа, радост, споделување на тага, простување и поврзаност.

Нереални очекувања

Поголемиот дел од мажите и жените имаат лажни очекувања кога станува збор за бракот. Бракот не значи дека секогаш сè ќе биде совршено и ќе цветаат рози, дека секогаш мажот ќе ве изненадува со подароци и ќе ве носи на романтични вечери. Има денови кои ќе бидат многу тешки, затоа е многу важно тогаш да се држите заедно. Никогаш не се откажувајте веднаш кога ќе се појави некој проблем или кога вашиот партнер нема да постапи онака како што вие сте замислиле во вашата глава.

Откако ќе започнете да живеете со некого тогаш вистински го запознавате, што не значи дека нема да се усогласите и да најдете начин да живеете среќно. Прифатете го вашиот партнер таков каков што е без да размислувате да го промените. Ако вашиот партнер не е совршен тоа не значи дека не можете да имате совршена врска. Ни вие не сте совршени, па вашиот партнер мора да живее со вас. Исфрлете ги нереалните фантазии од глава и уживајте во реалноста и љубовта на вашиот партнер.

Заборавате на љубовта

Љубовта е таа којашто не поврзува сите и не прави среќни. Не плашете се почесто да му изјавувате љубов на вашиот партнер. Запомнете дека не треба да бидете себични и да мислите само на вас. Доколку сакате вашиот партнер да ви направи некој љубовен гест, имајте на ум дека и тој го посакува истото. Проблемот денеска кај сите луѓе е што имаат погрешна слика за љубовта и често пати своите партнери ги споредуваат со другите. Секоја личност има свои квалитети, па затоа ценети ги и сакајте ги оние на вашиот партнер.

Негативен став

Во бракот често пати доаѓа до караници, а најчесто поради несогласувања и различно размислување на партнерите. Трудете се повеќе да разговарате со вашиот партнер и да најдете заедничко решение кое ќе биде прифатливо за двајцата. Многу парови дозволуваат негативната енергија да преовладува во нивниот однос и со тоа предизвикуваат да дојде до развод. За почеток, за да го избегнете тој негативен став дека секогаш треба да биде по ваше и дека секогаш вие сте во право, пробајте да му попуштите на вашиот партнер. Избегнувајте навреди, погрдни зборови, трескање на вратите, превртување со очите, исмејување, критикување и слични драматични ситуации и трудете се почесто да се извинувате.