Успешна Македонка во Австрија | Васка Димитрова – Јуриќ, млад менаџер во австриската компанија за пренос на струја

396

Триесет и четиригодишната Васка Димитрова – Јуриќ е млад менаџер во австриската компанија за пренос на струја АПГ (Austrian Power Grid/Австриска преносна мрежа). Македонка во душа, но граѓанин на светот.

Уште како студент стекнала искуство и знаења во САД, Бугарија, Австрија, а Виена веќе ја чувствува за свој дом на подолг рок, бидејќи основала семејство овде. Од двајца, многу скоро ќе станат тројца.

Секое искуство го надополнуваше моето портфолио на знаеања и вештини и пред една и пол година добив понуда за менаџерска позиција во АПГ, што е еквивалент на МЕПСО во Македонија.

Кога заминавте од Македонија и кој беше вашиот главен мотив?

– Прв пат заминав од Македонија на 16-годишна возраст на размена на талентирани студенти од Македонија во САД со поддршка на Фондацијата отворено општество. Сакав да стекнам знаења, искуства, да запознаам различни култури и пријатели во други земји. Додипломските студии ги завршив во Бугарија и во САД, кратко престојував во Германија и потоа почна мојата приказна во Австрија. Запишав магистерски студии во Виена во 2012 година, а бев вработена во ЕВН Македонија и добив можност за трансфер на работната позиција во ЕВН Австрија.

Главен мотив при секоја промена на работната или образовната средина беше лично доусовршување во смисла на континуирано образование или професионален напредок и следење на филозофијата на Глобал ситизен (Global Citizen), како начин на живот етаблиран уште при првата студентска размена. Секое искуство го надополнуваше моето портфолио на знаеања и вештини и пред една и пол година добив понуда за менаџерска позиција во АПГ што е еквивалент на МЕПСО во Македонија. Сега работам на еден голем проект за етаблирање на нови пазари на електрична енергија за интеграција на флексибилност од дисперзирани обновливи извори на енергија на национално и европско ниво.

Исто така основав семејство овде и веќе мојата одлука да останам во Виена е долгорочна. Пресудно во изборот на дестинација за живеење и професионален развој беше што е сепак блиску до Македонија.

Млада и успешна. Раководите со проект кој е огромен и реформски дури и за развиена земја како Австрија. Што мислите дека недостасува во Македонија за таквите кадри да може да ги задржи?

– Професионална работна средина во која се поттикнува интелектуалниот придонес без разлика на позиција и хиерархија, во која работат високо компетентни и мотивирани експерти од областа, кои се движени од исполнување на иста заедничка цел. Со еден збор, една нормална професионална работна средина во која владеат добри услови за работа, се почитуваат правата на работникот, се обезбедува целосна системска и поддршка од менаџментот во исполнување на дадените цели во облик на буџет или време за консултација и оптимизација на стратегијата.

Навистина сум среќна што во мојата сегашна работна средина во АПГ наидов на една таква професионална средина и компетентен менаџмент, кој покрај поставувањето на амбициозни цели како што е актуелниот проект на кој работам, ги нуди сите потребни услови и поддршка за тој да се реализира. Среќна сум што работам во една модерна организација со јасно поставени цели, достапни средства и менаџмент кој го поддржува исполнувањето на целите со лобирање со засегнатите национални стуктури, регулаторот, политичките институции и законодавниот дом и посветува доволно време за оптимизација на стратегијата и консултирање со своите вработени.

Кои три работи се главни предности на Македонија, а кои три би ги издвоиле за Австрија?

– Македонија гради квалитетни работни и образовни кадри: вредни сме и издржливи, продорни во исполнувањето на дадената цел, навикнати да надминуваме системски препреки и да се снаоѓаме сѐ додека не ја исполниме дадената цел. Кога оваа наша истрајност и упорност ќе се искомбинира со еден добар систем, институции кои функционираат и кои даваат поддршка на поединецот да ја врши својата работа, како и дисциплината и принципиелноста како култура на живеење во Австрија, тогаш успехот на секоја жена или поединец надвор од Македонија е загарантиран.

Sloboden pecat

Забелешка: Преземањето на оваа содржина е дозволено само ако го наведете изворот со задолжително линкување на нашиот домен и оригиналната статија!

Доколку сакате да прочитате повеќе содржини како оваа, препорачуваме да го посетите нашиот портал www.kukuriku.com.mk, а со лајк на нашата фан страна станувате дел нашето многубројно членство facebook.com/Kukuriku.mk/.