Трагичната приказна за девојчето кое ја посрами Америка | Фото/Видео

2388

Името Садако Сасаки веројатно не ви значи ништо. Всушност, таа била многу обична девојка, која не се разликувала од илјадниците други деца кои живееле во нејзиниот град.

Таа имала брат и родители кои исто така не биле нешто посебни и тешко историјата би ги запомнила нивните имиња … т.е. да не бил 6 август 1945 година.

Семејството Сасаки живеело во Хирошима… Садако имала само две години кога „Малото момче“, првата атомска бомба, била фрлена на нејзиниот град.

Нејзината куќа се наоѓала на околу два километри од местото на експлозијата. Ударот бил толку силен што Садако излетала низ прозорецот. Сите мислеле дека загинала, но девојчето сепак било живо и, очигледно, неповредено.

„Болест на атомската бомба“

Следните десет години, Садако живеела како и сите други деца во тој дел на Јапонија. Крајот на војната донело уништување и пустош што никој не можел да го замисли, но животот сепак одел понатаму.

И тогаш во ноември 1954 година, на Садако ѝ се слошило.

Имала настинка, а на вратот се појавиле отоци, кои се движеле кон лицето. Во јануари 1955 година, на нејзините нозе се појавиле пурпурни дамки.

Набргу потоа, ѝ била дијагностицирана леукемија или „болест на атомската бомба“ како што ја нарекувала мајката на Садако.

Црни прогнози и една надеж

Лекарите беа немилосрдни – Садако Сасаки ќе живее во најдобар случај уште една година.

Во тој период, лекарите забележале зголемен број на пациенти со леукемија, особено кај децата. Уште во раните 1950-тите било јасно дека леукемијата е предизвикана од радијацијата.

Садоко била пренесена во болница. Исплашена и сè повеќе болна, таа постојано слушала бајки и јапонски легенди. Нејзина омилена легенда била онаа, ако успее да направи 1000 оригами жерави од хартија, ќе има право да посака една желба.

А Садако сакала само да оздрави

Поради недостаток на хартија, Садако морала да се снаоѓа. Користела хартија од пакетот со лекови и сè што можела да измоли од возрасните. Ова, и покрај напорите и фактот дека ногата ѝ била отечена целосно, значело одење по соби на други пациенти и молење за хартијата од подароците што ги добивале.

Садако и илјада жерави од хартија

На 25 октомври 1955 година, Садоко не можела ниту да јаде. По упорните молби на нејзините родители, таа побарала чај и ориз. Изела две лажици и рекла: „Добро е“. А потоа починала. На 12 години.

Дотогаш, Садако направила 644 жерави. Нејзините пријатели го надополниле бројот до 1000 и погребана е заедно со нив. Така се вели во приказната раскажана во книгата „Садако и илјада жерави од хартија“.

Друга верзија спомената во меморијалниот парк во Херошима тврди дека девојчето надминало илјада жерави до август 1955 година и продолжило и понатаму да прави птици од хартија.

Садако Сасаки стана симбол на страдањето на невините жртви за време на Втората светска војна. Нејзината статуа и денес стои во Спомен паркот во Хирошима.

На денот на нејзината смрт, децата од целиот свет испраќаат жерави од хартија кои, заедно со пораките за мир, се закачуваат на споменикот посветен на малата Садако – девојчето кое сакало само да живее.