Толкувањето на соништата има долга традиција. Толку долга што книгите за значењето на симболите од нашите соништа ги нарекуваме СОНУВАЛКИ.
Губењето на забите не е добар знак. И без да пребарувате на интернет или да ѕирнете во страниците на сонувалката, многумина знаат дека ова е навестување на болест или уште полошо, смрт. Да ја сонувате сопствената смрт, не значи дека деновите ви се одбројани.
Всушност. Штотуку го продолживте животот, ќе имате многу пари и деца. И токму затоа толкувањето на соништата според традицијата, било усно или напишано во книги поради кои психолозите ја корнат косата, толку е интересно.
Еве ги најчестите соништа и нивните толкувања:
1. Паѓање
Ако сонувате дека паѓате, не ви се пишува добро. Ако гледате како паѓате, подмирете ги долговите што поскоро, бидејќи следат финансиски проблеми. Ако самите паднете во бунар, на пример, ќе ја изгубите својата репутација. Во секој случај ќе претрпите штета, пред сѐ финансиска. Вие сте на работ на бездна. Вака сонувалката го толкува овој сон, а во реалноста се работи за тоа дека сонувачот е преоптоварен од проблеми од егзистенцијална природа, тој ја нема поддршката од својата околина, па неговиот страв се манифестира преку сонот за паѓање.
2. Голи во јавност
Ако на сон си гол пред другите, следува голема тага, срам и сиромаштија. Воопшто не се пријатни предвидувањата. Меѓутоа, ако сонувате гола жена, тогаш работите се сосема поинакви. Гола непозната жена е навестување за успех и добивка. Гол маж, пристигнува вест за нечија смрт. Во реалноста, да се сонувате голи значи дека ве придружува чувството на срам затоа што не сакате да се отворите кон околината.
3. Губење на забите
Сите соништа за заби, како и за заматена вода, се знак на болест или смрт. Само белите заби се знак за добро здравје, па сонот за нивна поправка е исто така добар знак. Во реалноста, заби сонуваме кога не сме сигурни во себе, кога се плашиме дека ќе ја изгубиме моќта во сопствениот живот.
4. Смрт
Повеќето луѓе се будат вознемирени од ваквите соништа, но според сонувалката, да сонувате смрт е добро. Ако со раце ја фатите смртта во сон, ве очекува среќен живот. Ако сонувате дека сте осудени на смрт, ве очекува успешна деловна кариера. Тука реалноста и соништата се совпаѓаат.
5. Прогонство
Често сонуваме дека некој или нешто не прогонува. Повторно, сонувалките се детални, па не е важно дали во сон гледате кој е зад вашите петици или гонителот е скриен. Ако ве прогонуваат луѓе, очекувајте предавство од вашите најдобри пријатели. Ако успеете да избегате, проблемите брзо ќе исчезнат. И во реалноста се случува истото. Навистина, сонувате дека ве прогонуваат ноќе затоа што ве прогонуваат и дење.