Ако не си во депресија или анксиозност не мора да значи дека си во добра ментална кондиција!
Добра ментална кондиција се стекнува со добра врска помеѓу смислата на животот и личниот развој. Аристотел ја гледал суштината на личниот развој преку развивање на личните потенцијали кои ги има секој, само треба да ги детектира, активира и развива.
Тоа се оние мали, ситни генијалности во секој од нас, што ни даваат мотив за здрав живот и сила против разболување на умот. Сите ние во тек на животот тежнееме кон созревање на умот, созревање на личноста и индивидуација, што би рекол проф.Јеротиќ. Но, колку од нас се свесни дека еден од патиштата за самоостварување е токму образованието. Добро образован човек може добро да ја препознава својата околина и да го разбере светот.
Нашите животни проекти како љубов, пријателство, семејство, родителство, професионален и кариерен развој ни ја даваат смислата на нашето постоење, но образованието им ја дава силата, насоката. Староста е многу полесна ако во младоста си бил духовно реализиран. Покрај образование, уште побитно за здрава психа е добра општа здравствена кондиција, физиолошките супстрати како база за добар имунитет и справување со стрес.
Хормоните се чудо, сите сме осетиле каква им е моќта. Колку што серотонинот делува позитивно за чувство на среќа,така кортизолот во анксиозна состојба делува лошо врз организмот. Љубовта, љубезноста, добрината, добронамерноста и алтруизмот се благотворни за лачење на добри хормони како ендорфин, допамин, оксицитин и серотонин, кои го јакнат имунитетот. Нивното лачење го подобруваат сексот и физичката активност. Нивниот баланс прави позитивна спирала на умот и телото, како третиот елемент за добро ментално здравје.
Кога една личност ги поседува трите елементи: образование, здравствена кондиција и хормонален баланс меѓу умот и телото, има можност за водење здрав животен стил: здрава исхрана, здрави меѓучовечки односи, физичка активност и одбегнување лоши навики штетни за психо-физичкото здравје.
Покрај превенција потребна е и промоција на информации за ментално и физичко здравје, чести разговори со компетентни, стручни лица кои може да ни укажат на време, како може да се надминат психичките тегоби, анксиозност, депресија и губење смисла за живот.
❤ Смислата е во бесмислата, кој ќе ја најде среќен ќе е како Сизиф, животот нема да му биде казна ❤️



















