Полицијата во Питсбург го испитува мотивот за убиството на кинескиот научник, кој беше на работ на големо откритие, а одговорот на тоа прашање би можел да се знае кога ќе се разјасни тајната на третото лице, односно лице за кое полицијата тврди дека е причината поради која е сторено злосторство.
Убиството на научникот Бинг Лиу од Питсбург, за кој од неговиот универзитет соопштиле дека е „на работ на значително откритие за вирусот корона“, ја шокира не само американската јавност.
Лиу е пронајден застрелан во неговата куќа, во предградието на Питсбург, пренесоа локалните медиуми.
Со обдукцијата е утврдено дека бил застрелан во главата, вратот и телото. Научникот, со потекло од Кина, работел од дома заради пандемијата на вирусот корона.
Според истражителите, убиецот, кој бил идентификуван како Хао Гу, влегол во куќата бидејќи вратата, поради убавото време, била отклучена и широко отворена.
Сопругата на научникот, со која нема деца, не била дома во моментот на убиството.
Веднаш по ликвидацијата на научникот, се појавиле бројни теории на заговор зошто бил убиен. На социјалните мрежи, поединци тврделе дека тој бил убиен заради неговата научна работа и затоа што бил „на прагот на своето големо откритие“, како што беше објавено од универзитетот каде што бил вработен.
A Chinese researcher was shot dead in Pittsburgh on the verge of big discoveries on the origins of Corona virus.#BingLiu pic.twitter.com/UaQBXOJSpJ
— Middle East In The Field (@EastFild) May 6, 2020
Сепак, полицијата потоа изнела податок дека Лиу и Гу се познавале долго време, и дека можниот мотив имал интимен карактер, а не неговата научна работа.
Според полицијата, злосторството е последица на „долгогодишното недоразбирање заради интимен партнер“. Сепак, полицијата не достави детали за третото лице заради што убиецот и неговата жртва биле во судир, ниту нешто друго што би го објаснило мотивот за убиството.
Убиениот, Хао Гу, кој е софтверски инженер, исто така е оженет, а неговото тело е пронајдено во автомобил на 100 метри од куќата на својата жртва, во кое се самоубил.
Истрагата утврди дека ништо не е однесено од куќата на убиениот.
Досега не е објаснет уште еден детал од истрагата, зошто никој не ги слушнал истрелите кога бил убиен научникот. Полицијата изјавила дека Лиу е убиен со неколку истрели, додека соседите велат дека никој не ги слушнал, а телото на научникот било откриено кога колегите забележале дека тој не одговара на нивните пораки.
Питсбуршката полиција соопштила дека тие ја предале истрагата на сојузните власти затоа што се работи за луѓе кои не се државјани на САД.
Бинг Лиу е роден во Кина, каде што живеат неговите родители. Тој бил во Соединетите Држави на постдокторски студии во Питсбург, а како предавач започнал да работи пред шест години.
Убиецот Хао Гу е исто така роден во Кина, но тој дошол во САД пред две децении и станал натурализиран Американец, јавуваат американските медиуми. Во моментот на злосторството, тој бил на раководна позиција во експозитурата на голема европска компанија за софтвери.



















