„Три последователни лоши сезони на дождови ги десеткуваа посевите и предизвикаа широко распространета смрт на добиток“, се вели во соопштението на ОН.
Говедата гладуваат, а луѓето се селат (EPA EFE – A.U.)
КАМПАЛА – Се проценува дека поради сушата, околу 13 милиони луѓе на Рогот на Африка се соочуваат со силен глад, објави денеска Светската програма за храна на Обединетите нации.
Луѓето во регионот, кој ги опфаќа Сомалија, Етиопија и Кенија, се соочуваат со најтешката суша од 1981 година, соопшти агенцијата, повикувајќи на итна помош за да се спречи голема хуманитарна криза.
Сушата ги погодува и пастирските и земјоделските заедници низ јужна и југоисточна Етиопија, југоисточна и северна Кенија и јужна и централна Сомалија.
Во соопштението на УНХЦР се вели дека се потребни 327 милиони долари за да се задоволат итните потреби на 4,5 милиони луѓе во следните шест месеци и да им се помогне на заедниците да станат поотпорни на екстремните климатски шокови.
„Три последователни лоши сезони на дождови ги десеткуваа посевите и предизвикаа широко распространета смрт“, се вели во соопштението, додавајќи дека недостатокот на вода и пасишта ги принудува семејствата да ги напуштат своите домови, што доведува до зголемен конфликт меѓу заедниците.
Се наведува дека натамошните прогнози зборуваат за врнежи под просекот, што се заканува да ги влоши условите во наредните месеци.
Агенцијата на ОН за деца, УНИЦЕФ, претходно во февруари објави дека се очекува на повеќе од шест милиони луѓе во Етиопија да им треба итна хуманитарна помош до средината на март, потсетува АП, пренесува Танјуг.



















