Студиите потврдуваат | Слабеење на имунолошката заштита два месеци по вакцинирањето со Pfizer

1709

Студиите од Израел и Катар сугерираат дека дури и целосно вакцинираните луѓе мора да се придржуваат кон мерките на претпазливост.

Две студии, објавени вчера, потврдија дека имунолошката заштита што ја нудат две дози на вакцината Pfizer почнува да опаѓа по два месеци, иако заштитата од сериозни болести, хоспитализација и смрт останува силна, пренесува CNN.

Студиите од Israel и Qatar, објавени во New England Journal of Medicine, го поддржуваат аргументот дека дури и целосно вакцинираните луѓе мора да се придржуваат кон мерките на претпазливост.

Израелската студија во која беа вклучени 4.800 здравствени работници во Sheba Medical Center покажа дека нивото на постигнати антитела брзо се намалува по две дози на вакцината, особено кај мажите, луѓето над 65 години и лицата со имуносупресија.

Значителен и брз пад неколку месеци по вакцинацијата

Научниците забележале дека нивото на таканаречените неутрализирачки антитела, кои се првата линија на одбрана на имунолошкиот систем од инфекција, е во корелација со заштитата од инфекција. Во оваа студија, е проучено само нивото на антитела, што не е единствениот начин за одбрана на организмот.

„Објавените трудови за многу вакцини, како оние против мали сипаници, заушки и рубеола, покажале мал пад од 5% до 10% секоја година во неутрализирањето на нивото на антитела“, пишуваат авторите.

„Откривме значително и брзо намалување на хуморалниот одговор на вакцината неколку месеци по вакцинацијата“.

Студијата исто така покажува дека имунитетот кај луѓето кои се вакцинирани по опоравување од инфекција трае подолго.

„Постигнатиот имунитет е особено силен кај луѓето кои се опоравиле од инфекција, а потоа биле вакцинирани. Доказите собрани од нашата студија и други покажуваат дека долгорочниот хуморален одговор и ефикасноста на вакцината кај претходно инфицирани лица била подобра отколку кај испитаниците кои примиле две дози од вакцината“.

Врвот на заштита еден месец по вакцинацијата

Друга студија, од Катар, ги разгледувала вистинските инфекции кај високо вакцинираната популација на таа мала земја од Заливот.

„Заштитата од инфекција постигната со вакцината Pfizer се развива брзо по првата доза, достигнува врв во првиот месец по втората доза, а потоа постепено слабее. Се чини дека падот се забрзува по четири месеци, за да достигне ниско ниво од приближно 20% во наредните месеци“, се тврди во студијата.

„Како и да е, заштитата од хоспитализација и смрт остана над 90%“, велат катарските научници.

„Вакцинираните најверојатно ќе имаат повеќе социјални контакти отколку невакцинираните и помалку ќе се придржуваат кон безбедносните мерки“, веруваат авторите на студијата.

„Таквото однесување може да ја намали ефикасноста на вакцината во реалниот свет, во споредба со нејзината биолошка ефективност, што може да го објасни слабеењето на заштитата“.

Pfizer вели дека имунитетот по две дози од вакцината почнува да исчезнува по неколку месеци и препорачува трета доза, околу шест месеци подоцна, за лица над 65 години, лица со лоша здравствена состојба и лица со висок ризик од инфекција.