Смртоносна комбинација | Работа на биро и долг сон

86

Долготрајното седење на едно место – на пример работа на биро, во комбинација со долг сон и недостаток на движење, го зголемува ризикот од предвремена смрт, пишува “Дејли експрес”, повикувајќи се на резултатите од австралиско истражување.

Долгиот ноќен сон може и да бодри, но ако продолжува над девет часа, комбиниран со над седум часа дневно во седечка положба и физичка активност под 150 минути неделно ја зголемува четирикратно опасноста од прерана смрт.

Земајќи ги предвид сите фактори поврзани со болести – пушење, употреба на алкохол, нездрава исхрана, недостаток на физичка активност и пореметување во спиењето, истражувачите известуваат кои комбинации ја кријат најголемата закана од прерана смрт.

Покрај комбинацијата од долготраен сон, прекумерно седење и недоволно движење, пушењето заедно со прекумерната употреба на алкохол и недоволен сон (помалку од седум часа) исто така го зголемува четирикратно ризикот од прерана смрт.

Други комбинации кои ја удвојуват опасноста, се недостатокот на физичка активност и прекумерното спиење, недостатокот на физичка активност и прекумерното седење, и пушењето и прекумерната употреба на алкохол.

“Во последниве години се зголемуваат доказите за штетата од предолгото седење и се појаснува влијанието на сонот врз здравјето. Оваа студија е првото што го открива комбинираниот ефект од овие фактори“, вели шефот на тимот д-р Мелоди Динг.