Што открива машкиот пенис за неговиот животен век | Еректилната дисфункција “го зголемува ризикот од рана смрт за 70%”

2141

Одамна е познато дека еректилната дисфункција е поврзана со кардиоваскуларни ризик фактори, но неодамнешното откритие сугерира дека состојбата може да влијае на очекуваниот животен век.

Еректилната дисфункција е непријатна појава за секој маж, но научниците предупредуваат дека оваа состојба може да влијае на очекуваниот животен век, пишува Daily Mail.

Имено, тие откриле дека мажите со овој проблем имаат 70% поголеми шанси да живеат пократко од другите. Затоа, мажите со еректилна дисфункција треба да бидат прегледани и потенцијално третирани за компликации, како што се кардиоваскуларните заболувања, што може да го зголеми ризикот од прерана смрт.

Распространето е кај младите луѓе

Иако е широко распространето мислењето дека еректилната дисфункција влијае главно на постарите мажи, таа е исто така распространета кај младите луѓе. Имено, речиси 20% од мажите под 40 -годишна возраст страдаат од овој проблем.

Одамна е познато дека еректилната дисфункција е поврзана со кардиоваскуларни фактори на ризик, вклучувајќи хиперлипидемијата (зголемена содржина на маснотии во крвта, холестерол и триглицериди), хипертензијата (висок крвен притисок), дебелината, дијабетесот и пушењето, велат истражувачите од Универзитетот во Mississippi. Исто така, е препознаена како фактор на ризик за мозочен удар и коронарна срцева болест, како и миокарден инфаркт.

Истражувачите ги проучувале податоците од 1.790 мажи на возраст од 20 до 85 години, кои учествувале во националното истражување за здравје и исхрана во 2003 и 2004 година. Меѓу другото, прашањата биле поврзани со ерекцијата. Тие ги споредиле овие податоци кон крајот на 2011 година со оние кои во меѓувреме починале и заклучиле дека еректилната дисфункција е силен показател за прерана смрт.

Потребни се дополнителни истражувања

Откриле дека 557 испитаници имале проблеми со ерекцијата, а осум години подоцна 244 од нив починале. Кај 61 маж, причина за смрт биле кардиоваскуларни заболувања, кај 64 малигни неоплазми, кај 12 хронични респираторни заболувања, а кај останатите од други причини. Научниците ги зеле предвид возраста, физичката активност, расата, обемот на половината, приходот и наследните болести. Конечно, заклучиле дека испитаниците кои пријавиле еректилна дисфункција имале 70% поголема веројатност од предвремена смрт.

Сепак, истражувачите забележуваат дека нивните резултати треба да се земат со доза на претпазливост бидејќи се потребни дополнителни истражувања за да се дознае повеќе за врската помеѓу еректилната дисфункција и прераната смрт. Имено, прашање е колку точно поединечните испитаници ги оцениле проблемите со ерекцијата.