Шест совети од Снежана Билко како да останеме мотивирани во време на пандемија

302

Човештвото во последниве неколку месеци се соочува со, според некои, најголемата криза од своето постоење – пандемијата од коронавирусот.

Неколку милијарди луѓе ширум светот се во карантин, а продолжениот престој во „четири ѕида“ е голем предизвик за менталното здравје на луѓето. Во врска со загубената мотивација и депресијата поради оваа новонастаната ситуација разговаравме со Снежана Билко, мотивациски говорник, духовен учител, автор и тренер за личен раст и развој.

Таа во разговор за „Локално“ вели дека ова е период во кој секој треба да научи многу нешта од целокупната ситуација низ која поминуваме.

Билко со нас сподели шест корисни совети за тоа како да останеме мотивирани и како полесно да го пребродиме овој период:

1. Во овој предизвик кој го живее цела планета, луѓето најдобро е да внимаваат на нивните мисли. Да не си креираат негативни мисли со негативен исход врзани за овој голем констраст кој го живееме. Да сфатат дека постојат нешта кои за жал не можеме да ги контролираме. Да внимаваат на нивните мисли и да знаат дека можат да работат на креирањето на своите мисли.

2. Да не се следат константно содржини врзани за овој глобален предизвик, во ред е да бидат во тек со целата ситуација и да бидат информирани, но да не се „опседнати“ и постојано да читаат разновидни содржини врзани за црна хроника кои ќе им наштетат на нивната вибрација во текот на секој нов ден и ќе се чувствуваат лошо, депресивно и демотивирано.

3. Ова е идеален период кој луѓето можат да го искористат правилно и продуктивно, а тоа значи да се посветат на себеси и својот духовен развој. Да размислат што сакаат да променат кај себеси, на кои недостатоци од нивниот карактер да работат, да размислат околу нивните желби и соништа и да се запрашаат зошто досега не си го оствариле сонот. Да си ги постават целите кои сакаат да ги манифестираат и живеат и да ја изменат нивната реалност кон подобро, поточно да живеат онаква реалност каква што си зацртале во нивниот ум. Никој не заслужува да живее лоша реалност, секој заслужува да биде среќен и исполнет човек.

4. Овој период „индиректно“ ни наметна да се свртиме и да се навратиме кон себеси, како да „некој“ сака нешто да ни каже. Да се запрашаме каде толку многу итавме и колку бевме преокупирани со материјалното. Ова е совршено време да се навратиме на суштината на нашето постоење и нашето битие, да се пронајдеме себеси, да се посветиме на нашето духовно јас кое долго време го игнорираме. Многу луѓе живеат во целосен дисбаланс со себеси, па овој период ни нуди можност да научиме како да живееме во баланс и хармонија со себеси, па понатаму и со сите други кои нѐ опкружуваат.

5. Живеејќи еден брз начин на живот, луѓето се оддалечија од своите најблиски. Во овој период можат секојдневно да се мотивираат со тоа што ќе се посветат целосно на своето семејство, можеби ќе направат некои добри дела со гестови на внимание и почит кон својот партнер, своите деца, своите пријатели. Можат да ги дознаат желбите и неоткриените потенцијали на своите деца, како и да развијат една поголема блискост со своите деца, својот партнер и потесното семејство.

6. Луѓето од оваа ситуација треба да научат да прават секојдневно добри дела како би си ја оплемениле душата, да научат дека сите ние сме едно и повеќе од потребно е да работат на нивната емпатија која за жал многу луѓе ја немаат развиено. Сочувствувањето со другите луѓе и правењето хумани и добри дела ќе направи да бидеме олицетворение на Бог кој впрочем е внатре во секој од нас, затоа што сме ние дел од него. А Бог е чиста и безусловна ЉУБОВ. Да се навратиме на суштината на едно човеково битие, а да не бидеме олицетворение на се она што не е Бог.